Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Адем Чучуљ. На Претседателот Гаши му беше предадена Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026–2030.
Чучуљ ги претстави клучните приоритети и цели на Стратегијата, која се фокусира на седум области и сектори, и тоа: хоризонталните области – јавни набавки и надзор над спроведувањето на законите, како и секторите правосудство, транспорт и инфраструктурни проекти, просторно планирање, урбанистичко планирање и градежништво, здравство и животна средина, енергетика и природни ресурси.
Претседателот на ДКСК нагласи дека основната цел на Стратегијата е воспоставување ефикасни превентивни механизми кои ќе придонесат за ограничување на корупцијата уште пред нејзиното појавување.
Претседателот Гаши ја изрази својата поддршка за работата на ДКСК и ја истакна важноста од донесувањето и спроведувањето на ваква стратешка рамка за државата. Тој посочи дека корупцијата претставува сериозен предизвик за функционирањето на институциите и дека нејзиното зголемување директно влијае врз слабеењето на државниот систем и довербата на граѓаните. Воедно, се осврна и на значењето на донесувањето на Етичкиот кодекс за пратениците како дел од напорите за унапредување на интегритетот и отчетноста во институциите.
Во текот на разговорот беа разменети мислења и за искуствата на другите држави во борбата против корупцијата, како и за превентивните мерки што би произлегле од имплементацијата на Стратегијата.
На крајот од средбата, претседателот Гаши ја истакна подготвеноста за понатамошно продлабочување на соработката меѓу Собранието и ДКСК, додека Чучуљ изрази уверување дека успешното спроведување на Стратегијата ќе донесе конкретни придобивки за граѓаните и ќе придонесе за зајакнување на интегритетот и владеењето на правото во државата.