Населението што живее во Струмичката Котлина мора да има суштински глас во одлуките за иднината на својот простор. Не може развојот на еден од најзначајните земјоделски региони во државата да се планира без сериозно да се земат предвид интересите на локалното население, земјоделството, водите и животната средина, смета партијата ДОМ.
„Во Нацрт-просторниот план до 2040 година повторно ги гледаме Иловица-Штука и Казандол, но и Плавица, Кадиица и Луке, како локации за рударски развој. Тоа што на одредена локација е утврдено присуство на минерална суровина и таа е опфатена со просторната и планската документација, само по себе не значи автоматско отворање рудник. За реализација на конкретен рударски проект потребни се дополнителни постапки, дозволи и исполнување на законските услови. Но токму затоа сега е моментот да се постави јасно прашањето: каква иднина планираме за овој простор?“, велат од ДОМ.
Пред години партијата застана со граѓаните против рудниците Иловица-Штука и Казандол. Бараше ревизија на концесиите и студиите за влијание врз животната средина и се избори за законски решенија со кои се спречува отворање на опасни рудници со отворен коп и употреба на цијаниди и сулфурна киселина. Во 2017 година ДОМ предупредуваше дека рударството не оди заедно со заштитата на земјоделието и развојот на туризмот и бараше долгорочните развојни стратегии да се насочат кон зелена економија, чисти технологии и заштита на водите и почвите.
Барањата на ДОМ се: суштинско учество на локалното население во одлучувањето; целосна процена на кумулативното влијание врз водите, почвата, земјоделието и здравјето на граѓаните; највисоки еколошки стандарди и целосна транспарентност; рударските локации да не се третираат како однапред определена развојна опција.
„Струмичката Котлина е простор на плодна земја, развиено земјоделско производство и значајни водни ресурси. Секое планирање на рударски активности мора да ги земе предвид овие вредности и потенцијалните кумулативни влијанија врз нив’, велат од ДОМ.
На Македонија, како што се додава во партиското соопштение, не ѝ е потребен развој што ги жртвува плодните земјишта, водата и земјоделството.