Доц. д-р Бобан Карапејовски: Ќе обезбедиме вработување на најдобрите 200 студенти, како и стипендии од 500 евра месечно

IMG-464c0344affdd7ef09297fe08a3dc595-V.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Носителот на листата на кандидати за пратеници во ИЕ 1, Бобан Карапејовски на денешната прес конференција рече дека во програмата на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија за парламентарните избори, наречена „Проглас за достоинствена Македонија“ еден од приоритетите се образованието и науката, кои се суштински за градењето силна и просперитетна држава.


„Во Прогласот за достоинствена Македонија на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, предвидовме два сегменти: зголемување на достоинството на вработените во образованието и во науката и поставување нов систем, со кој овој сектор ќе се врати во фокусот и ќе помогне во создавањето функционално писмен и високообучен кадар, како и продлабочување на
научните истражувања“, рече Карапејовски и додаде: „Во однос на првиот постулат, достоинството на вработените во образовниот сектор, е предвидено платите на наставниците и на професорите да се зголемат до 100 % од актуелните. И, тоа е најмалку што можеме да направиме за да му го вратиме угледот на учителот и да ги привлечеме најдобрите да бидат
даскали на нашите деца“.

Тој потенцира дека за најдобрите студенти ќе се обезбедат стипендии во износ од 500 евра месечно, а за најдобрите двесте студенти вработување во научните и во институциите на системот.

„Партиските вработувања мора да запрат! Не смее партиската книшка да биде услов за вработување. На универзитетите и во државните институции треба да работат најдобрите за најдоброто за сите нас. Ни треба научен подмладок веднаш, како и
ревизија на условите и зголемување на квалитетот на акредитираните универзитети, кои се множат на секој чекор, а не даваат квалитет“, рече тој.

Карапејовски рече дека наставните програми и планови ќе се усогласат со модерните технологии и достигнувања и појасни дека ќе се изгради систем што ќе поттикнува креативно, аналитичко и логичко размислување кај учениците, но и ќе поттикнува креативност во областа на бизнисот и на финансиската едукација. Учебниците ќе бидат усогласени со новите наставни планови и програми и напишани од најдобрите автори, навреме доставени до учениците.

Тој исто така рече дека издвојувањата од буџетот за науката ќе се зголемат, а ќе има и посебни стимулации за оние што успеваат да објавуваат во најпрестижните списанија и да соработуваат со колегите од најдобрите светски универзитети, како и посебни субвенции за таканаречните национални дисциплини.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK