ДКСК не констатира судир на интереси на претседателот на Советот за унапредување на сметководствената професија, но му препорача да биде внимателен

DKSK
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната седница му препорача на Горан Рафајловски постојано да внимава на потенцијален судир на интереси на функцијата претседател на Советот за унапредување и надзор на сметководствената професија, кое е самостојно и независно регулаторно тело за унапредување и надзор на сметководствената професија и надзор над работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители.

За Рафајловски, кој е и сопственик и управител на консалтинг куќа акредитирана за одржување на законски задолжителни обуки за сметководители и овластени сметководители, ДКСК не утврди постоење на судир на интереси, бидејќи функцијата не ја извршува професионално. Сепак, ДКСК смета дека неговата состојба може да влијае и покрај тоа што постапил според законот и се изземал при носењето на одлуката на Институтот за носење решенија за издавање на одобренија за спроведување на континуирано професионално усовршување зашто како сопственик на консалтинг фирмата имал поднесено барање за издавање на одобрение.


– Горан Рафајловски постапил согласно членот 75 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. ДКСК и покрај тоа што утврди дека не е повреден законот од страна на именуваното лице, смета дека неговата состојба како претседател на Советот може да влијае врз непристрасното  вршење на неговите јавни овластувања и службена должност, бидејќи се создава состојба на потенцијален судир на интереси што претставува негативна перцепција на непристрасно работење на тоа службено лице, а преку него и на Советот, рече претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

Таа додаде дека ДКСК смета оти Рафајловски како именувано лице ќе се наоѓа во постојан потенцијален судир на интереси, односно треба  постојано да внимава да не го повреди членот 72 и членот 75 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси за да го спречи влијанието на неговиот приватен интерес или приватниот интерес на друго лице врз извршувањето на неговите овластени должности. Може да го повреди и членот 50, бидејќи службеното лице не смее да ги користи информациите со кои располага во вршењето на функциите и јавните овластувања  и службените дејности за остварување корист или предност за себе или за друг.

– ДКСК до Владата ќе достави укажување за потребата да се изврши проценка на ризикот  од појава на судир на интереси и спречување на влијанието на приватниот интерес кај службеното лице Горан Рафајловски при извршувањето на неговите службени дејности  како именувано лице и да се разгледа можност за преземање на мерки за надминување на ваквата состојба, рече Ивановска.

За Изет Зекири, кој е член на Советот и професор на Факултетот за бизнис и економија од Тетово, ДКСК констатира повреда на членот 44 став 4 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, бидејќи истовремено е член на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија и е ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“. За тоа му е издаден прекршочен налог, кој не беше прифатен и затоа поднесе барање за поведување на прекршочна постапка.

ДКСК на денешната седница утврди и дека нема судир на интереси при вработувањето на Наце Толев, сопругот на генералниот секретар на Судскиот совет Весна Толева, бидејќи во моментот на неговото преземање од Судот во Штип и подоцна вработување како возач во Судскиот совет, таа не била на функција со која можела директно да влијае при вработувањето.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK