ДКСК: Артан Груби изнесува неосновани обвинувања

dksk
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Државната комисија за спречување на корупција регира на изјавата на првиот вицеперемиер на Владата на Република Северна Македонија, Артан Груби, кој вчера рече дека не верува во капацитетите на Комисијата.

На гостување на Сител Телевизија, Груби изјави дека ѝ верува на институцијата, меѓутоа има сомнеж во нејзините капацитети.


– Огромно мнозинство од случаите се или изгубени во административни постапки или отфрлени од страна на судиите за тоа што го работи ДКСК и се надевам дека следниот состав ќе биде навистина сериозен, немаат ниту еден успех откако се на мандат, рече Груби.

На ова, Државната комисија за спречување на корупција денеска реагираше со соопштение во кое наведува дека обвинувањата се неодновани.

– Во право сте г. Груби, Антикорупциска нема капацитет да се вози во службени возила 24/7 и за приватни цели, да злоупотребува државни простории, да користи репрезентација и службени платежни картички, ниту да се расфрла со буџетски пари, но бидете уверени дека има капацитет да ги исполни своите законски обврски и надлежности и да изработи бројни иницијативи и препораки кои сѐ уште чекаат ред и време за да се постапи по нив, стои во соопштението од ДКСК.

Потсетуваат на Извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјата, во кој, како што велат, добиваме позитивни оценки за својата проактивност и отворање случаи против високи функционери, што, според нив, е директна потврда за оправданоста на нашето работење и за ажурноста на Комисијата токму во овој состав.

– Исто така, во своите извештаи ЕК ги повикува надлежните институции да постапуваат по препораките на ДКСК, дополнуваат од Антикорупциска.

Од ДКСК велат дека зачудува фактот што оваа оценка на ЕК како највисоко тело на ЕУ, вицепремиерот не ја признава и, како што велат, „изнесува неосновани обвинувања“.

– ДКСК е независна институција, со надлежност да постапува по предмети за избрани и именувани функционери. Квалификациите за капацитетите на Комисијата од страна на висок функционер од Владата на РСМ за кој има отворено предмет, не е ништо друго туку вршење притисок врз работата на Комисијата, и оркестриран обид за дефокусирање на јавноста. Ова дотолку повеќе што неодамна Кабинетот на вицепремиерката за добро владеење ја обвини Комисијата за паушални и неосновани обвинувања поврзани со предметот за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко иако на прес-конференцијата на ДКСК такво нешто не беше споменато, а вицепремиерот за евроинтеграции на билатералниот скрининг за образование култура и спорт побара од претседателката да не ја известува ЕК за поднесената тужба за клевета од страна на директорот за млади и спорт, Наумче Мојсовски, образложуваат од ДКСК во реакцијата на изјавата на Груби и додаваат дека Комисијата има капацитет да се избори со, како што наведуваат „оркестрираните напади“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK