Димитриевски: Ковачевски не е добро информиран, објектот во Сопот е изграден на државно земјиште и е дивоградба

Димитриевски-Ковачевски-не-е-добро-информиран-објектот-во-Сопот-е.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Дивоградба е објектот каде што викендов, високи претставници на политичката партија ДУИ отворија меморијален комплекс во кумановското село Сопот, утврдил вонредниот инспекциски надзор на градежен инспектор од Општина Куманово.

И кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски преку соопштение испратено до јавноста информира дека објектот е дивоградба и дека општината нема издадено документација за градба. Вели дека објектот е изграден на државно земјоделско земјиште.

„Истиот е изграден на државно земјоделско земјиште, коешто во имотниот лист број 117 од катастарска општина Сопот, се води на парцела 963. Целиот објект е дивоградба и Општина Куманово нема издадено никаква документација во врска со градба на овој објект. Од страна на надлежна инспекциска служба е направен записник. Записникот е насочен кон НН лице, бидејќи од присутните лица таму никој не се пријавил дека е инвеститор или пак сопственик на објектот. Истиот записник денеска е истакнат на огласна табла“, посочува Димитриевски.

Како што дополнува, во рок од 3 дена додека трае постапката паралелно ќе биде доставена пријава и до полиција да се открие сторителот на ова кривично дело и веднаш по затварање на записникот и истекот на рокот ќе биде процесуирана кривична пријава против сторителот.

„ДУИ манифестира самовластие од позиција на власт повеќе од 20 години и токму во предизборниот период се користи со вакви методи за собирање на евтини политички поени, каде што многу пати со вакво однесување го руши и директно уставниот поредок на државата. Молкот од надлежните институции е повеќе од срам, бидејќи интегритетот на државата мора да се заштити. Ова е локација во непосредна близина на границата со соседна Србија, каде што секојдневно патролира граничната полиција и зошто тоа никој не го пријавил и самиот се прашувам, но како и да е ние од моментот на сознанието ќе ги преземеме сите дејствија“, додава Димитриевски и истакнува:

„Изјавата на актуелниот премиер Ковачевски дека вакви натписи и табли на голема Албанија се постари и од 145 години, всушност од мој аспект ги гледам дека овие идеи се реинкарнираат од страна на поединци кои што не и посакуваат добро на државата, а всушност декларативно се претставуваат како зелени, како европејци, или како европски блок и мислам дека првенствено самиот премиер не доволно и не добро е информиран, бидејќи истакна дека оваа градба-дивоградба се наоѓа на приватно земјиште, што апсолутно не е точно и мислам дека треба подобро да го информираат службите со кои што непосредно соработува. Но ме изненадува и молкот на други надлежни институции, како што во овој случај е МВР, чии што обврски согласно законот и согласно Уставот се да го штити уставниот поредок на државата и кога некој поттикнува меѓуверска, меѓуетничка, меѓунационална конфронтација да го санкционира истото“, завршува тој.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека спомен-центарот е отворен на приватен имот бидејќи, како што рече, ако се работи за општествен имот, дозвола за тоа треба да даде општината. Тој додаде дека Општина Куманово, во чии рамки е селото каде што е отворен комплексот, немала информација во однос на тоа.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK