ДиЏовани: Изминатите 30 години земјата направи исчекори во унапредувањето на правата на детето, но се уште треба да се работи на ова прашање

unicef
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Оваа година е важна за децата во земјава. Годинава земјата слави 30 години од потпишувањето на Конвенцијата за правата на детето. Исто така се одбележува и 30-годишнината од отпочнувањето на официјалната соработка на УНИЦЕФ со земјата по независноста.

„Иако годинава треба да размислиме за напредокот што е постигнат за доброто на децата, ова е момент во кој треба да размислиме и за одговорноста што ја имаме како општество за да создадеме услови за секое дете во земјата да има подобро детство, фер шанса, подобра иднина и можност да го постигне својот целосен потенцијал.


„Во текот на овие 30 години земјата направи исчекори во унапредувањето на правата на детето. Се подобрија законските и политичките рамки за да им се олесни пристапот на децата до нивните права. Помалку деца умираат на возраст од 0 до 5 години. Повеќе деца имаат пристап до основно и средно образование. Нема деца сместени во големи институции.

„Иако постои несомнен напредок, не можеме да гледаме кон иднината, а да не го земеме предвид уназадувањето по пандемијата со КОВИД-19, енергетската криза и високите трошоци за живот, како и климатската криза. Понатаму, не можеме да гледаме напред без да прифатиме дека светот во кој живееме постојано се менува и е полн со неизвесност. И дека сѐ уште има многу работа.

„Најновите кризи ни покажаа колку може да се кревки нештата кога не се поставени темелите за отпорност и развој на човечкиот капитал. По 30 години, ситуацијата ни налага со уште поголема посветеност да работиме на прашањата што ги засегаат децата денес.

„И покрај тоа што помалку деца умираат денес отколку пред 30 години, земјата сѐ уште има висока перинатална стапка на смртност во споредба со земјите-членки на ЕУ и членките на Здравствената мрежа на Југоисточна Европа. Поради дезинформации, децата испуштаат шанса да примат вакцини кои спасуваат живот. Освен тоа, дебелината кај децата зема замав, со што цели генерации се во ризик од проблеми со физичкото и менталното здравје во иднина. Мора да се зголемат инвестициите за подобрување на квалитетот и опфатот на специјализирани услуги за здравјето на мајките и децата. За да се спречи смртноста што се должи на причини што може да се спречат, за да се зголеми свесноста за придобивките од вакцините и за да се обезбедат адекватни информации за антиваксерските движења, ни требаат програми што во својата работа се раководат со податоци и факти. Земјата треба да ги зајакне програмите за промоција на доењето и да организира кампањи за подигање на свеста за прашањата поврзани со исхраната и за добрите практики во исхраната.

„Заложбите на земјата во заштита на најранливите граѓани и децата што се во ризик е репер за тоа колку ги исполнува обврските од Конвенцијата за правата на детето. По многу години инвестирање во реформите за де-институционализација, земјата може да се гордее што успеа да постигне веќе да нема деца сместени во големи институции. Иако се потребни дополнителни заложби за да се спречи напуштањето на децата и за да се прошират услугите за згрижување, од суштинска важност за благосостојбата и развојот на децата е тие да растат во семејство полно љубов. Земјата треба да се гордее и со силната правна рамка за заштита на децата од насилство, злоупотреба и занемарување и обезбедување пристап до правда за сите деца. Под итно се потребни инвестиции во човечките, техничките и финансиските ресурси за да се спроведат национални акциски планови поврзани со заштитата на децата и да се прошират услугите за заштита на децата. Има исто така итна потреба од зајакнување на програмите за обука за родителство и од популаризација на ненасилни воспитни стратегии земајќи предвид дека сѐ уште има голем број деца што се изложени на насилни методи на дисциплинирање во семејството.

„Пред КОВИД-19, земјата веќе беше соочена со криза во учењето. Повеќе од половина ученици на петнаесетгодишна возраст не ги задоволуваа основните нивоа на знаење по читање и математика. Сè уште не се познати ефектите од програмите за закрепнување од загубите во учењето за време на пандемијата. Исто така не е познато до која мера беа успешни заложбите на училиштата да ги опфатат децата кои се отпишале од училиште за време на КОВИД-19 . Зголемен е бројот на деца што покажуваат знаци на анксиозност и страв и затоа е потребна поддршка на менталното здравје во училиштата. Понатаму, како резултат од демографските промени кои не беа придружени со соодветни прилагодувања на мрежата основни училишта, распределбата на ограничените ресурси во образованието стана неефикасна и нерамноправна. Оттаму, предуслов за да се подобри квалитетот и инклузивноста на образованието за сите деца е зголемување на јавното финансирање во образованието и инвестициите во образованието. Неопходни се реформи на наставната програма за секое дете да се здобие со знаење, вештини и способности што ќе му помогнат да напредува во едно модерно општество. Исто така потребно е образованиот систем да извлече повеќе од инвестициите. Децата кои заостануваа во резултатите во читање и математика пред пандемијата на Ковид-19 сега се возрасни луѓе кои или се запишуваат на факултет или стануваат дел од работната сила. Вака ќе биде со сите што доаѓаат, сè додека не се реши ситуацијата. Ова е итно. Ова е важно. Ова ќе има сериозни последици врз сегашните и идни генерации.

„Остварливо е да се постигне секое дете да се развива, учи, да биде заштитено и да учествува, но сепак има веројатност дека во тој процес децата Роми, децата со попреченост и децата што живеат во сиромаштија ќе бидат запоставени. Поради пандемијата со КОВИД-19 и сѐ поголемата инфлација, расте бројот на деца што се во ризик од сиромаштија. Сиромаштијата поинаку ги погодува децата од возрасните и благосостојбата на децата зависи и од други фактори освен од приходот на семејството. Ускратувањата во раните години од детскиот развој, исхраната, образованието, безбедноста и љубовта и негата се меѓу петте најчести фактори што предизвикуваат повеќедимензионална детска сиромаштија. Децата со попреченост и понатаму наидуваат на бариери во поглед на пристап до редовното образование, а децата Роми и понатаму наидуваат на бариери во поглед на напредување во образованието. Овие неправични состојби ги држат во постојана состојба на исклученост и ги лишуваат од можноста да ги следат своите врсници во развојот. Невозможно е да гледаме кон иднината без да се осврнеме на правичноста, а првиот чекор во оваа насока треба да биде надминување на повеќекратната дискриминација на ранливите деца.

„Бидејќи живееме во период со повеќе кризи, не можеме да гледаме кон иднината,а да не ја земеме предвид климатската криза и нејзиното влијание врз децата денес и врз светот утре. Во споредба со возрасните, децата се поранливи на загадувањето на воздухот. Скопје и други градови во Северна Македонија честопати се наоѓаат меѓу најзагадените градови на светот. Мора да работиме заедно со децата и младите за да ги поддржиме заложбите за подобрување на образованието за животна средина и да ги поддржиме иницијативите на младите за справување со влошената животна средина и климатските промени.

„Комисијата за правата на детето, во најновите заклучни забелешки за напредокот на земјата во остварувањето на детските права согласно Конвенцијата и изборните протоколи, покрена неколку од овие прашања кои бараат итно постапување и за кои даде јасни и конкретни препораки.

„За да се создаде подобра иднина за секое дете, сите членови на општеството треба да вложат енергија и да се посветат. Аспирациите на Северна Македонија за подобрување на економската конкурентност и забрзување на интеграцијата во Европската Унија се пресудни за да се постигне побезбедна, отпорна, одржлива и просперитетна иднина за граѓаните. Дали ќе се постигнат овие цели зависи во голема мера од изградбата на здрава, образувана работна сила и од развојот на човечкиот капитал. Унапредувањето на правата на секое дете е важно за децата денес, но е исто така и најдобриот начин за да се создаде помирен, просперитетен и праведен свет за сите.

„Додека ја славиме 30-годишнината во Северна Македонија, се гордееме со постојаните заложби за децата, жените и семејствата во земјата. И во време на криза, и во време на развој, УНИЦЕФ секогаш работи со партнерите за да обезбеди најдобар можен почеток во животот за секое дете, да обезбеди заштита од болести што се спречуваат со вакцинирање, љубов и поддршка во поттикнувачка семејна средина. УНИЦЕФ работи за секое дете да се подготви за училиште и да добие квалитетно образование во училишна средина во која нема насилство, која е инклузивна и која го поддржува – секаде и во секоја ситуација. Да развие вештини, љубопитност, да се стекне со самодоверба, да го изразува мислењето за прашања што го засегаат неговиот живот и да расте со чувство на среќа и исполнетост.

„За УНИЦЕФ никогаш не било важно кои се тие деца и од каде доаѓаат. Она што секогаш било важно е да допре до децата што се во најголем ризик и кои имаат најголеми потреби. Сега, заедно со партнерите, УНИЦЕФ со целосна посветеност продолжува да работи за секое дете.

„Каде и да се. Кои и да се. Кога и да им требаме. И сега, повеќе од кога било, нема да запреме.“

Изјава од претставничката на УНИЦЕФ во РСМ Патриција ДиЏовани за состојбата на децата 30 години откако земјава ја потпиша Конвенцијата за правата на детето и ја воспостави соработката со УНИЦЕФ

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK