Во рамките на редовните годишни активности на ПС на НАТО, на Годишниот 24.Трансатлантски парламентарен форум, што во заедничка организација на ПС на НАТО, Националниот одбранбен универзитет на САД и Атлантскиот совет се одржа на 9 и 10 декември 2024 г. во Вашингтон, САД, учествуваше Делегацијата на Собранието во ПС НАТО во состав: Драган Ковачки, шеф на Делегацијата, Беким Сали и Славјанка Петровска, членови на Делегацијата.
На Форумот присуствуваа голем број парламентарци од земјите членки на НАТО и се обратија конгресмени, највисоките претставници на Атлантскиот совет, етаблирани меѓународни аналитичари за безбедносни и одбрамбени политики и еминентни професори од американски и европски универзитети и меѓународни фондации кои работат на безбедносни прашања.
Форумот го отворија претседателот на Националниот одбрамбен универзитет вице-адмиралот Питер Гарвин и претседателот на Атлантскиот совет Фредерик Кемпе. Во дискусиите по нивните излагања, парламентарците ја акцентираа потребата од зачувувањето на силната и единствена врска меѓу сојузниците, која ќе резултира во градење на мирна безбедносна архитектура во светски рамки.
Посебен панел беше посветен во сеќавање на поранешниот потпретседател на ПС на НАТО и шеф на латвиската делегација, Ојарс Калнинс, на кој предавање имаше Андерс Аслунд од Фондацијата Евроазија. Во размената на мислења беше нагласено дека градењето на демократска отпорност е споделена вредност за трансатлантската заедница.
Темите на дебатата на Форумот опфатија клучни глобални предизвици, како состојбата во Украина и руското влијание врз евро-атлантската безбедност, конфликти и геополитики промени на Блискиот исток, американско-кинеската конкуренција и нејзините последици за Индо-Пацификот, како и растот на автократијата како глобална закана.
Во дискусиите беше истакнато дека кревката безбедносна состојба, предизвикана од војните во Украина и во Газа, се повеќе ја наметнува потребата од силно НАТО, зајакнато вложување во одбраната и одбрамбените капацитети, исполнување на договорениот процент одвојување за одбраната и вложување во инвентивни технологии. Само со кохезивни акции може подготвено да се одговори на предизвиците од Кина и Русија, а истовремено да се води кооперативна и партнерска политика со Индо-Пацификот, Нов Зеланд и Австралија, како региони од посебен интерес за НАТО.
Конгресниот панел го водеа конгресмените Нил Дан, Рик Ларсен, Мајк Тарнер и Доналд Норкрос, сите од Републиканската партија. Дискусиите и споделените размислувања и искуства ги допреа темите поврзани со актуелната состојба во САД по изборите, ребрендирањето на американската надворешна политика, визиите за сегашните и идните предизвици на НАТО и политиката на отворени врати. Се разговараше и за безбедносните стратегии во однос на трилатералното безбедносно партнерство меѓу САД, ОК и Австралија – АУКУС, Арктичкиот круг, финансиската поддршка на Украина, случувањата на Блискиот исток и вложувањата во националните воени и одбрамбени капацитети.
Трансатлантскиот парламентарен форум, кој претставува традиционална речиси дводецениска размена на видувања и отворена дебата според Chatham House Rules, ја отсликува синергијата и координацијата меѓу владината и парламентарната димензија на НАТО Алијансата. Форумот им овозможува на парламентарните претставници на НАТО сојузничките земји изворно да се информираат за глобалната светска политика и безбедносните предизвици и за тоа како НАТО гради и имплементира консензуални и балансирани одбрамбени политики.
Парламентарното собрание на НАТО (ПС на НАТО) е мултилатерална организација која воспоставува суштинска врска меѓу НАТО и парламентите на НАТО нациите, обезбедува поширока транспарентност на политиките на НАТО и придонесува да се зајакнат трансатлантските вредности на Алијансата.
ПС на НАТО брои 281 делегат од 32 земји-членки на НАТО, делегати од 11 асоцијативни земји членки, од Европскиот парламент, од 4 регионални партнери и од Медитеранските асоцијативни земји членки, како и парламентарни набљудувачи од 7 други земји и 2 парламентарни собранија (ПС на ОБСЕ и ПС на СЕ) и делегација од ЕП, кои исто така, земаат учество во активностите на Собранието. Собранието претставува критички форум за меѓународен дијалог на парламентарци од Европа и од Северна Америка за стратешки и безбедносни теми од заеднички интерес на НАТО сојузниците.