СДС, Стевчo Јакимовски и советници од листата на Левица ги интересира само бетонизација на Карпош и повеќе не се грижат ниту за закони, ниту за постапки, ги интересираат само криминал и пари, истакна Благица Цветановска од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
-На вчерашната седница на Советот на Општина Карпош Јакимовски и СДС се обидоа, спротивно на сите законски норми и процедури, да протнат точка, Предлог – Програма за изменување и дополнување на Програмата за урбанистичко планирање за 2024 година. Оваа програма, воопшто не е донесена ниту пак е објавена во Службен гласник на Општина Карпош, за сега истата да се менува и дополнува. Оваа програма Јакимовски, СДС и Левица неколку пати се обидуваа да ја поминат насилно во Советот на Карпош, но во тоа не успеаја благодарејќи на активностите на нашата советничка група, изјави Цветановска.
-Зошто го прават ова вака со програмата по секоја цена? Бидејќи ако нема програма, нема простор за нивните криминални ДУП-ови и нема исполнети барања и нарачки од градежната мафија. Ваквото работење е спротивно на законите во Македонија, против сите процедури и постапки, за што денеска поднесовме претставка до Инспекторатот за локална самоуправа, каде бараме веднаш да интервенира и да ги поништи овие одлуки, нагласи на пресконференцијата, Благица Цветановска од ВМРО-ДПМНЕ.
-Воедно, бараме јавното обвинителство и сите останати институции, веднаш да отворат предмети за кршење на законските процедури, како и за злоупотреба на службена положба и овластување и да постапат. ВМРО-ДПМНЕ е вистински партнер на жителите на Карпош и ќе ги искористиме сите средства кои ни се на располагање да го спречиме урбаното дивеење на Јакимовски, СДС и поранешната Левица во Карпош, истакна во изјавата Цветановска.