Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека во последното деноноќие имало 26 пожари на отворено, како и дека 9 од нив се сè уште активни, а се гасат и од земја и од воздух.
Оттаму посочија дека активен е пожарот на планината Серта кој се простира на 3 општини како 4 самостојни пожари. Исто така, активни пожари има во атарот на село Калањево каде гори ниска вегетација и шума, кај селата Горни и Долни Липовиќ каде гори ниско стеблеста шума, потоа кај местото викано Патрик кај Штип, каде гори смрек, дабова и мешовита шума.
Активен пожар има и помеѓу селата Драгоево и Селце каде гори ниска вегетација и грмушки, пожар на борова шума има и над селото Бадилен, потоа кај селата дреново и Долно Јаболчиште каде е зафатена мешовита шума, кај селото Црнилиште пак гори нискостеблеста вегетација, додека кај селото Слепче и Гостиражни гори ниска и сува вегетација. Активен пожар има и помеѓу селата Негорци и Кованец, каде гори даб, смрека, прнар и сува трева.
„Од рано утрово веќе се дејствува по активните пожари и со воздухоплови, како засилување на силите коишто гаснат од земја, пожарникари, вработени во јавни и комунални претпријатија, армиски припадници, од доброволни ПП друштава, мештани и од други здруженија на граѓани. Прво почнаа да дејствува еден полициски хеликпотер, а за кратко му се приклучи и еден армиски хеликоптер“, соопштија од ЦУК.
Оттаму претходно посочија дека по 10 часот се очекува да полетаат и два авиони од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Од Центарот за управување со кризи посочија дека е побарана и меѓународна помош за справување со пожарите.
Пред два дена, Владата донесе одлука за воведување кризна состојба поради пожарите во траење од 30 дена.