Од мај 2022 до март 2023 година беше спроведена кампања по прва помош под мотото „Првата помош спасува живот“, наменета за ученици од основни и средни училишта на возраст од 12-18 години на територија на државата. Главна цел на кампањата беше да се подигне свеста кај младата популација за значењето на првата помош како животоспасувачка вештина. Во рамки на кампањата, општинските организации на „Црвениот крст“ спроведоа 736 обуки по прва помош и едуцираа вкупно 28.206 ученици од основните и средните училишта во државата, кои стекнаa основни знаења и вештини за укажување на прва помош. Обуките беа спроведени од страна на 242 предавачи и 195 демонстратори по прва помош, според програма прилагодена за деца од училишна возраст.
Овие информации попладнево беа споделени со присутните во Спомен куќата на Мајка Тереза во Скопје. На настанот свој говор имаа генералниот секретар на „Црвениот крст“, Саит Саити, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, заменик министерката за здравство Маја Манолева, како и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Шаќири нагласи дека исклучително е важно да градиме младина која ќе биде свесна и ќе се грижи добро за сопственото здравје, но и за здравјето на другите.
– Младина која ќе се грижи за средината во која живее, ќе биде хумана особено кон ранливите категории. Ќе покажува решителност и одговорност секогаш кога е потребно да се помогне, доброволно и волонтерски. Во таа насока и го димензионираме образованието, да ги шири вистинските човечки, етички и морални вредности, а токму „Црвениот крст“ е еден од најголемите наши партнери. Заедно со оваа организација, се трудиме системски и преку бројни активности да влијаеме на младите и од нив да создаваме личности кои ќе бидат корисни, ценети и почитувани во општеството. Една од тие активности е токму обучувањето на над 25 илјади ученици за правилно пружање прва помош, која завршува денес, но секако, нема да биде последна. Напротив, активностите ќе се интензивираат, подвлече министерот.
Тој изрази задоволство што со „Црвениот крст“ беше потпишан нов меморандум за соработка.
– Со него и формално продолжуваме да се заложуваме за создавање човекољубци, хумани луѓе, љубители на животни, заштитници на средината, на природата и така натаму, кои колку повеќе ги има, толку државата станува посилна и подобро место за живеење. Колку повеќе се развива чувството за хуманост кон другите луѓе и кон средината, толку се намалува веројатноста за несакани ситуации, последици и страдања. Им благодарам на претставниците на „Црвениот крст“ на досегашната соработка и подадената рака за продолжување на нашата заедничка мисија. Верувам дека заеднички ќе поттикнеме интерес кај многу нови млади луѓе да извршуваат благородни улоги и мисии во општеството, додаде Шаќири.
Манолева кажа дека граѓаните се покажани и докажани хуманисти, кои со дарувањето крв спасуваат човечки животи. Таа изјави дека Министерството за здравство во континуитет ги поддржува секогаш акциите на „Црвениот крст“.
– Нашите сограѓани активно учествуваат и ги поддржуваат крводарителските акции. Показател за тоа се сите податоци од „Црвениот крст“, според кои минатата година се реализирани вкупно 56.830 дарувања, односно повеќе од предвидените 52.000, рече Манолева.
Арсовска се осврна на активностите на Град Скопје со „Црвениот крст“. Таа, меѓу другото, ја спомна поддршката за лицата коишто немаат свој дом, граѓаните, децата кои се во социјален ризик, сите оние на кои првата помош им е најнеопходна.
На настанот беа доделени благодарници и беше посетен градскиот натпревар по прва помош.