Волонтери на општинската организација на Црвен крст Крива Паланка на повеќе локации во градот и на граничниот премин со Република Бугарија, Деве Баир, делеа флаширана вода и информативни лифлети со препораки за заштита од топлотен бран.
-За време на овој голем топлотен бран нашите волонтери постојано се на терен, делиме флаширана вода и препораки за населението со цел превенција на последиците од несоодветна заштита од топлотниот бран. Превентивна активност покрај на бројни локации во централното градско подрачје, реализиравме и во соработка со Регионален центар за Гранични работи – Исток, на граничниот премин „Деве Баир“ и магистралниот пат А2, Крива Паланка -Кумановo, при што волонтерите извршија достава на: флаширана вода, информативни флаери со препораки за заштита од топлотен бран , препораки и совети за одговорно возење и прирачници по прва помош. Пред минувачите на границата беа изведени и симулациски вежби по прва помош. Активноста се реализира под мотото: „Биди подготвен да дадеш прва помош при топлотен бран“ и „Вози одговорно“, информира Дарко Пешовски, секретар на Црвен Крст, Крива Паланка.
Покрај тоа, на населението низ центарот на градот, младите волонтери на Црвениот крст им делеа вода и препораки: да избегнуваат излегување и вршење напорна активност за време на најтоплиот период од денот, да останат во сенка, да не оставаат деца или животни во паркирани возила и доколку е потребно и можно да поминат 2-3 часа на ден на ладно место.
Волонтерите директно им посочуваа на граѓаните, особено на повозрасните, затекнати на отворено во топлиот период од денот да се освежуваат често и да бидат добро хидрирани, како и често да се тушираат за да се разлади телото.