„Царинската управа спречи меѓународен канал на нелегална трговија со анаболични стероиди чие производство, продажба и употреба со Закон е строго забрането. Запленети се 32 кутии со 192 килограми анаболични стероиди со вредност од 5,5 милиони денари, штетни по здравјето на граѓаните, а до сторителите е поднесена кривична пријава. Станува збор за Оxanaboilic и Metanabol за орална употреба, како и Testec, Testen и Sustamix за инјекционална употреба. За случајот добиено е и признание од Светската антидопинг агенција дека македонската Царина влегла во трага на меѓународен ланец на нелегална трговија со вакви супстанци што претставува модерен тренд на забранети стимулативни супстанци коишто предизвикуваат зависност. Со оваа заплена Македонија во моментов е во топ тројката на земји на светско ниво на листата на Светската антидопинг агенција за заплени на забранети супстанци“, истакна директорот на Царинска управа, Бобан Николовски на прес-конференција на која информираше за случајот. На настанот беше присутен и министерот за спорт, Борко Ристовски кој изрази благодарност и поддршка во напорите на Царинската управа за сузбивање на ваквите криминали.
„Државата ќе стои цврсто против употребата на забранети материи за постигнување добри резултати“, истакна министерот Ристовски и изрази цврста заложба во борбата против употребата на недозволени средства во спортот.
Директорот Николовски алармира дека легалните аеродроми во моментов се таргет за криминалците, при што целта им е допинг супстанците да стигнат на таргетираниот аеродром, во овој случај нашиот, и потоа да ја дистрибуираат на разни пазари. Во случајов, вели тој, станува збор за производител од Индија, со дебело криминогено минато, кој сакал со лет од Сингапур – Истанбул и потоа Истанбул – Скопје, стоката да ја дистрибуира на фиктивен пазар, односно како крајна дестинација е наведена Чешка, каде ваквите производи се исто така строго забранети.
„Истрагата која е поведена од страна на Царинската управа врз основа на сомнение, утврди дека податоците за чешката компанија се лажни, односно дека истата нема извршено нарачка на ваков вид на производи. Притоа направен е тест со спектометар кој покажа дека станува збор за анаболични стероиди. Во соработка со јавен обвинител направена е форензичка анализа од страна на МВР каде се потврди дека станува збор за анаболични стероиди. Воедно, од страна на Агенција за лекови и медицински средства – МАЛМЕД и Национална антидопинг агенција во рамки на Светската антидопинг агенција и Министерството за спорт добиен е одговор дека анаболичните стероиди се согласно Закон – строго забранети. Согласно добиените докази, до Основното Јавно Обвинителство, поднесена е кривична пријава против сторителот“, информира директорот Николовски, при што упати благодарност до Светската антидопинг агенција за соработката во овој случај, до Министерството за спорт, и особено до царинските службеници.