Бугарското МНР: Посетата на Сиљановска не беше официјална и затоа не предвидува поставување на државни знамиња

siljanovska-radev-2.jpeg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Бугрското Министерството за надворешни работи застана во одбрана на ставовите на амбасадорот Жељаско Радуков кој вчера одбил да ја прифати протестната нота за изостанувањето на македонското знаме, за време на фотографијата од средбата помеѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и нејзиниот колега, Румен Радев.


Бугарското МНР во изјава за бугарската „Нова“ соопшти дека амбасадорот бил поканет на разговор во Министерството за надворешни работи на Северна Македонија по повод посетата на претседателката Гордана Силјановска – Давкова, на 13 септември и коментарите во врска со фотографиите поврзани со оваа посета.

„Посетата беше по повод културен настан – гостување на Националната опера и балет на Република Северна Македонија во Софија и нема карактер на државна, официјална или работна посета. Во такви случаи, протоколарната практика не предвидува интонирање на химните, поставување други државни знамиња, како и други протоколарни атрибути. Горенаведеното го изјави и амбасадорот Радуков вчера во разговорот со дипломатите од МНР на РСМ“, наведуваат во својот став од бугарското министерство,

Се одава дека бугарската страна испратила покани до министрите кои ја придружувале Сиљановска-Давкова, за средби со нивните бугарско колеги, меѓутоа, за жал, поканата од министерот за надворешни работи, Иван Кондов, до министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски била одбиена.

Од македонското МНР, пак, очекуваат бугарскиот амбасадор во земјава да ја пренесе пораката до властите во Софија.

„На вчерашната средба во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, на која усно и писмено беше изразена нашата загриженост поради отстапувањето од договорениот протокол за фотографирање на претседателката Силјановска Давкова и претседателот Радев, амбасадорот на Бугарија, Жељаско Радуков, одби да го прифати нотата. Појаснуваме дека амбасадорот Радуков вербално се запознал со целата содржина на нотата и одбивањето да ја прифати не значи дека пораките пренесени на оваа средба имаат различно или помало значење”, велат од Министерството.

По посетата, од кабинетот на Сиљановска истакнаа дека фотографирањето не било однапред предвидено и ќе побараат објаснување од бугарската страна.

„Средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот. Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна“, рекоа од Кабинетот на Давкова.

СДСМ ја опиша средбата како дипломатски дебакл. Од опозициската партија констатираа дека Сиљановска и министрите во Софија биле пречекани како претставници на некои локални бугарски клубови или општински институции, а не како меѓународни високи претставници на држава членка на НАТО и важен партнер на Бугарија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK