Брајовото писмо останува недостапно за учениците во Македонија, над 1.000 лица немаат пристап до него

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На Меѓународниот ден на Брајовото писмо, кој треба да го слави значењето на оваа писменост за лицата со оштетен вид, реалноста во Македонија останува разочарувачка. Повеќе од илјада лица со оштетен вид немаат пристап до Брајовото писмо во образовниот процес, што претставува сериозна пречка во нивното образование и инклузија.


Според Коалицијата „Менуваме“, традиционалните книги со Брајова азбука не се практично решение бидејќи се големи и тешки за учениците. Наместо тоа, тие предлагаат воведување на брајов ред, преку кој учениците ќе имаат поефикасен начин за изучување на Брајовата азбука.

Коалицијата ја потенцира и проблематичната состојба со Институтот за специјална едукација и рехабилитација. И покрај постоењето на дефектолози, тие тврдат дека голем дел од овие кадри не се доволно стручни за да го поддржат образовниот процес на децата со оштетен вид.

Брајовото писмо, кое е загарантирано со меѓународни документи за човекови права, во Македонија е достапно само во специјализираното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје. Но, и таму пристапот до оваа писменост не е целосно обезбеден за сите ученици.

Коалицијата „Менуваме“ апелира до надлежните институции да преземат мерки за вклучување на модерни решенија за учениците со оштетен вид, со цел да се обезбеди еднаков пристап до образованието.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK