Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, како дел од високата државна делегација предводена од претседателката Гордана Силјановска Давкова, учествува на COP29 – 29. Конференција на Обединетите нации за климатски промени во Баку, Азербејџан.
Во делегацијата е и првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
COP29 е глобален настан кој обединува светски лидери и експерти од над 70 земји. Годинешната тема на самитот е „Инвестирање во одржлива иднина“, со фокус на енергетската трансформација и заштитата на животната средина преку иновации и нови технологии. Овој самит, кој се одржува секоја година, претставува клучна платформа за земјите да ги координираат напорите за намалување на емисиите и промоција на обновливите извори.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на учеството во овој самит кој претставува можност Македонија да воспостави нови меѓународни партнерства и да обезбеди нови инвестиции во обновливи извори и одржлива енергетска инфраструктура, што ќе придонесе кон постигнување на долгорочните климатски цели и економски развој.
„Ваквите настани ни овозможуваат размена на знаења и искуства со глобалната заедница и можност да воспоставиме соработка што ќе придонесе кон нашата транзиција кон зелена енергија.“ истакна Божиновска.
Македонската делегација активно ќе работи на воспоставување партнерства и можни инвестиции кои ќе овозможат иновативни проекти во земјата, со цел унапредување на енергетската независност и заштитата на животната средина.