Некои земји учесници не беа воодушевени од вашата одлука на состанокот на ОБСЕ во Скопје да присуствува министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, рече високиот претсетавник за надворешната политика на ЕУ, Жозеп Борел во Скопје, на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски.
Тој истакна дека ги разбира земјите кои се незадволни бидејќи Русија со незаконската војна против Украина, ги поткопува начелата на ОБСЕ и ги нарушува законите, па затоа се соочува со меѓународни санкции и изолација. Сепак, од друга страна, подвлече Борел, одлуката да му се дозволи на Лавров да учествува е во согласност со заедничката цел да се одржи мултилатеризмот жив.
„Лавров треба да слушне од сите зошто ја осудуваме Русија и зошто ја изолираме. Ова е добра прилика за него да чуе директно од учесниците на состанокот зошто Русија е осудена и изолирана, па потоа може да се врати во Кремљ и да му каже на господарот на Кремљ дека ЕУ и ОБСЕ остануваат обединети за агресивното однесување на Русија“, рече Борел во Скопје.
Присуството на Лавров предизвика негодување во Украина и балтичките земји кои вчера најавија дека ќе го бојкотираат самитот на ОБСЕ во Скопје.