Бомба заврши во клубот на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) во Тетово.
Како што информираше партискиот претседател, Самка Ибраимовски, скршено е стакло и нема повредени луѓе. Бомбата не била активирана.
Целиот настан е евидентиран преку камера која служи за видеонадзор и Ибраимовски верува дека лицето ќе биде најдено.
„Во 4:23 часот дошол тука, го скршил стаклото, ја фрлил бомбата. Имал храброст да се врати назад да види дали ја активирал или не. А нашиот активист зел метла, среќа негова што не почнал да мете. Би било страшна експлозија, се работи за бомба кашикара од постарите што има огромно разорно дејство. Полицијата работи на случајот. Мислам дека лицето ќе се види кој е како е и зошто е направено ова. Ние како политичка партија, имаме наш став, си тераме наша политика, немам никакви забелешки ниту сме се замериле со некого. Единствено со извршителите што го кажував, дали е тоа причината или нешто друго, тоа не можам да кажам, меѓутоа во скоро време ми ветија дека ќе го дознаеме, истакна Ибраимовски.
Екипа на СВР Тетово извршила увид, а фрлената неексплодирана бомба е подигната.