Бочварски присуствуваше на минирање на брана Отиња во Штип

miniranje.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Изградбата на браната Отиња не е лесен проект, туку напротив тежок и комплексен проект кој со силна волја се зафативме да го реализираме. Денеска на објектот се работи со одличен прогрес, со отворен фронт за работа на повеќе локации, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој денеска присуствуваше на минирање како дел од активностите за изградба на браната на река Отиња во Штип.


Минирањето се изврши на локалитетот Попова чешма, а станува збор за градежен зафат со кој се обезбедува преку 5000 метри кубни дополнителен материјал потребен за доизградба на насипот на телото на браната.

„Изградбата на браната во Штип беше предизборно ветување во многу кампањи и на многу политичари изминатите 4 децении и особено ми е драго што токму денеска овој проект го реализираме и се работи со силна динамика на терен. Со денешното минирање обезбедуваме околу 5.000 метри кубни материјал за доизградба на браната. Се работи активно на уште неколку позиции и веќе видов добар фронт за работа на преливниот загат, испустниот дел веќе под објектот е завршен и инекционата завеса веќе е завршена. Тоа значи дека согласно динамиката, согласно градежните норми и принципи на градба на вакви комплексни објекти, сите објекти се реализираат еден по еден. Оваа година за доизградба на браната во буџетот на Министерството за транспорт и врски имаме предвидено околу 130 милиони денари, со што очекувам веќе наредната пролет да биде завршен овој објект и да биде ставен во функција за потребите на градот и на граѓаните, а сите знаеме какви бенефити ќе има овој проект за Штип и за целиот регион.“ – изјави министерот Бочварски.

Тој истакна дека Владата изминатите 4 години стави силен фокус на реализацијата на инфраструктурните проекти, а токму тоа го покажа и реализацијата на капиталните инвестиции од рекордни преку 710 милиони евра во 2023 година.

„Сакам да се заблагодарам на сите инженери, на проектантите и на сите работници кои даваат свој придонес и работат деноноќно на реализација на овој многу значаен проект со кој целосно ќе ја смениме сликата на Штип и целиот регион.“ – истакна министерот Бочварски.

Браната е инвестиција од преку 300 милиони денари, а според динамиката се очекува да биде завршена за една година.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK