– Делчево е град во кој повеќе од една деценија во одделението за гинекологија при здравствениот дом „Гоце Делчев” не се врши породување на бебиња. Најчесто мајките родилки тоа го прават во гинеколошките амбуланти и во помодерните клиники во поголемите градови во земјава. Но, пред 50-тина и повеќе години не било така, бебиња не само што се раѓале во установата во Делчево, туку „бабици“ породувале и по селата.
Благородна Симеонова, меѓу населението позната како Блага Бабицата, е меѓу првите бабици кои, како што вели самата, ја работела „најблагородната” работа, да донесе на свет здрави и живи новороденчиња. Поради преголемата желба за тоа, се пријавила на тогашниот конкурс за кој дознала случајно, а кој во тоа време бил отворен од тогашната здравствена установа.
– Имаше еден капетан кој седеше во нашата куќа под кирија со неговата жена, балдзата и баба му. Тие го прочитале конкурсот и го натераа татко ми да ме запише. Прво се запишав во Штип, а потоа да нема двојни трошоци, од Штип не префрлија во Битола. И таму завршив, потоа бев на пракса во Скопје во Градска болница. Од таму ми дадоа препорачано писмо за да работам најпрвин во болницата во Пехчево. Дојдов тука, а и тука немаше доктор. Во Берово имаше само еден доктор, д-р Шаптаров, Русин по потекло и тоа беше се што имаше од доктори. Колку работев во Пехчево, не знам бидејки ме бараа и во Берово оти и таму работев малку. Од таму ме префрлија во Берово, таму беше се чаушлукот. Тука пак во Делчево немаше бабица, и од таму ме префрлија во Делчево каде останав се до пензионирање, раскажува Симеонова.
Во Делчево се омажила и создала своја фамилија, но како што вели, дури после шест години ја добила својата ќерка која често ја носела на своите интервенции за време на породувањата кои ги правела насекаде на територијата во Делчевско. Имало случаи кога со едната рака ја држела ќерката, а со другата породувала жена.
– Работев како бабица 40 години. Имав 35 години работен стаж, па ме натера доктор Киро да направам изјава дека ќе работам уште пет години, бидејки според него бев многу успешна во работата. Само ми е жал што не си водев евиденција колку вкупно жени имам породено ама бројката на новороденчиња е огромна. И во Берово многу породив, додека кратко работев таму. И тука многу породив, колку паметам сите кои потоа станаа докторки сите јас ги породив. Во Делчевско нема село и маало дека не сум одела на пораѓај, дури и во понекои кочански села сум била да породувам. После кога се отвори новиот здравствен дом, почнаа со работа и други бабици. Тука беше Олга, после Стефка, ама таа подоцна отиде ја преместија во село. После нив дојдоа Бојка и Ружа, додава Сименова.
Од она што го памети е дека во Делчево доаѓа да работи во 1952 година, тоа било време кога немало доктори, постоела само амбуланта која се наоѓала во зградата на сегашното комунално, сега ЈПКД Брегалница, амбуланта која не располагала со опрема.
– Првиот доктор кој го паметам беше Стојче Арсов, со него работевме долго време. Ни дадоа еден џип за теренска работа кој денеска работи утре не работи, секогаш си беше со некој дефект, но кога немаше друго возило, што ќе правиш мора со него да одип на терен иако ни правеше многу проблеми. Ме бараа многу по селата, Блашка барајте ја така викаа луѓето таа е способна и така работевме долго. Потоа во амбулантата дојде д-р Иван Влашки од Берово, работеше тука некое време потоа беше уролог во клиниката во Скопје.Од 70-тите години се преместивме од зградата каде порано наоѓаше Општината, раскажува Симеонова за своите почетоци во Делчево.
Имала многу тешки и специфични породувања. Жените во тоа време, како што вели, ниту имаше кој да ги прегледува, ниту да ги советува. За бременоста дознавале на нивите додека ги обработувале своите ниви, имале болки и се случувало дури и таму сами да се породат.
-Тешки времиња беа тоа. Имало случаи додека се породуваат на нива детето со главичката ќе удри во земја, па ете ти краварење и дефектно дете. Имаше многу аномалии тогаш, не знаеја жените што да јадат, да одат на прегледи, кога имаше вакцинација одев и јас со докторите, ќе ги соберевме жените, па јас ќе им држев предавање како и што да прават додека се бремени и да знаат да ме викаат кога треба да се породат. Секогаш ги советував да не фаќаат и да не прават ништо оти може да дојде до абортус. Со тек на текот времето полека ги научив жените да доаѓаат тука да им се мери притисок, тежина, да прават лабараториски испитувања и така се спречија несаканите ефекти и последици. Иако имаше многу онесвестувања, варираше притисок, имаше отоци тоа беше страшна работа, ама со тек на времето почнаа да доаѓаат тука и се малку цивилизираа, во тој поглед, потенцира делчевската бабица.
Мајките со новороденчиња, вели, порано биле многу силни за разлика од денешните мајки за кои смета дека се кревки, бидејки чекаат бабицата „да го роди” детето, а не тие.
– Како што кажав порано додека да дојдат да ме викнат и додека да отидам, повеќе жени и сами се породиле, некои ги заглавуваа децата. Имаше многу тешки раѓања карлични, попречни, тоа беше страшна работа. Постоеја и самоуки жени по селата кои помагаа, а не знаеја. Еднаш во Истевник кај една жена кога отидов имаше една баба која со маст ја мачкала родилката демек така ќе роди, па кога ме виде избега преку другата врата ја фати страв да не ја пријавам. Но добро се заврши ја породив жената. Имало други случаи кога тие самоуки жени ја сечеле папочната врвца со нож, со срп и ете ти веднаш тетанус, инфекции, а мора сите инструменти да се вријат, да бидат стерилни, се потсетува тетка Блага на тогашните времиња.
Бидејки немало село во Делчево и Каменица каде не била по многу пати имала разноразни патешествија. Се случувало во еден ден да ја бараат од селото Косово Дабје до селото Разловци. Но, иако условите биле такви како што се секаде успевала. Сепак се случувале и разни незгоди
– Ме викнаа еднаш во една недела во Косово Дабје, ја оставивме колата долу јас отидов, жената беше готова да се породи, на друг рид друга жена почнала да се породува, а и јас сум бремена, па со еден фенер по ридот лазејки едвај отидов. Таму и скршиле јајце на родилката, демек како што се скршило јајцето така и таа да се породи лесно. Потоа брзав да се вратам оти многу време ме немаше, а знам дека и тука некој ме барал за пораѓај. Кога дојдов од Косово дабје, тука веќе ме чекаше една жена за породување, а ме викаат итно и во Разловци, а јас толку многу сум изморена 9 месец бев бремена.ќ и кога дојде ред да се породувам јас, кола има шофер нема, шофер има, кола нема едвај таму стигнав, а и тежок пораѓај имав, бидејки јас додека бев бремена, многу одев, не се вардев за да помогнам на други жени, си припомнува Симеонова.
Поради преголемиот обем на работа со сопругот и немале време за некаков забавен живот. Се, како што додава, било подредено на работата, бидејќи во тоа време наталитетот бил голем.
-Пред тоа кога бев млада многу беше убаво, се правеше корзо од мостот па до Чимеви долу. Ќе си се дотераше народот, ќе се прошета па ќе се договорат на гости ќе си идат потоа. Имаше таков културен живот како да кажам убав. Сите се пречекувавме, ќе се почестиме сите те пречекуваа со ручек тоа го знам и по нас и секаде беше убаво. Кога се омажив послабо имав време за културен живот. Сме биле во Монте Карло само еднаш, но тоа е ресторан во Делчево, така се викаше, не тој Монте Карло што сите го знаеме. Цело бреме бев на работа, не знаев дали е ден или ноќ, дали е празник или делник. Ниту Нова година, нити празник, Први мај ништо буквално немавме од забавен живот, раскажува Сименонова за тогашниот живот.
Иако работата била тешка, сепак како што подвлече, на крај се радувала на секое новороденче кое ќе дојде на свет и кога се ќе се заврши без проблеми.
-Ме ставија во приправност не можев нигде да идам, ако отидам на шивачка мораше да оставам на вратата белешка каде сум. Јас и не знам таа врска како се одржа оти одев многу по селата. Бев многу слабо дома во Делчево. Тешка беше работата ама се радував на секое новороденче и секогаш кога пораѓајот ќе се завршеше како што треба. Јас точно знаев кога ќе прегледам жена, дали е за тука или не и каков е плодот. Еднаш прегледав една жена знев дека нешто не е во ред, му кажав на докторт после тој ми јави да ми каже дека се родило детето без нога. Се раѓаа и многу деца со тешки аномалии тоа беше чудо некое. Ама се раѓаа и здрави деца како бубрежиња бели, па кога ќе ги повијам, ќе им отворам малку прозорецот да влезе воздух чист па кога ке заспијат. Потоа им давав по малку чај, додека да дојде ред да цицаат и тие се мирни си спијат, родилките се ми викаа што им правиш кога си ти дежурна сите се мирни и спијат. Јас се смеев и им викав дека им бајам. Со задоволство си ја работев работата и бев среќна, подвлече делчевската бабица.
Денешните млади, вели, не сакаат да работат таква работа, дел поради страв, а дел поради гадување. Според неа, гинеколошкото одделение во Делчево работело одлично, било чисто, средено, како по другите клиники. Среќна е што слушнала дека постои медицинска сестра која сакала да се обучи за бабица. Бабица, според тетка Блага, може да биде сестра, а обратно никако, бидејќи тоа е посебна гранка и порано во Битола постоел посебена насока за бабица. За животот на бабицата Блага Симеонова е одвоено посебно место и во продолжението на книгата „Животот на Делчевчани“, кое го подготвува професорот Љупчо Прачковски.
Валери Спасевски
Фото:МИА