Во кризно време компаниите не треба да бидат причина за кризата да биде уште поголема, работат за профит но треба да имаат етика и морал, рече денес вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Тој останува на ставот дека компаниите се тие кои ги креваат цените.
„Отидов во Комисијата за заштита на конкурентност. Разговарав со нив за да покренат иницијативи во неколку сектори за да видат дали евентуално можеме да докажеме дека има договарање за тоа што се случува. Ќе ги видите наскоро податоците што ќе ги изнесеме. Ако го видите зголемувањето на цените заради инфлацијата на светските берзи, тие се една четвртина помали отколку што се во Македонија. Нешто се случува. Не може нашата земја да е уникатна, изолиран остров, кога е составен дел од цела Европа. Ако храната е зголемена за 11% во Европска Унија во берзанските цени, овде е зголемена за 46 %. Извинете ама тоа не е етички “, рече вицепремиерот Битиќи по Регионалниот форум за социјално претприемништво.
За неетичкото однесување на компаниите да не доведе до поголеми последици, Битиќи најави зајакнување на сите инспекциски служби со професионалци кои постојано ќе бидат на терен и ќе го гледаат однесувањето на компаниите во сите сектори.
Една од причините за тоа што 52 % од младите бегаат од Западен Балкан, според Битиќи се токму ваквите неетички појави.
„Борбата да ги задржиме младите не е борба на само еден поединец и на една Влада туку е борба на сите чинители во општеството. Тоа мора да го разберат сите. Дали се стопанственици, дали се политичари дали се академици, дали се обични граѓани, мораме да си ја сакаме оваа земја, но да си ја сакаме онака како што се сакаме себе си“, рече вицепремиерот Битиќи.
Од минатиот месец кога повторно почнаа да растат цените на храната, вицепремиерот Битиќи алармира дека не производителите туку големите маркети во земјава неетички и неморално ги зголемуваат цените.