Во дворот на фабриката АДИНГ АД во Скопје денеска ќе се одржи едукативно-стручен настан за производство на бетон, насловен „Бетон.Ск“, во организација на фабриката, Градежниот факултет при УКИМ во Скопје и средното училиште „Здравко Цветковски“.
Настанот е во рамки на серија настани насловени „Скопско асеизмичко лето“ посветени на одбележување на 60-годишнината од скопскиот земјотрес.
Како што појаснуваат организаторите, главна цел на овој едукативно-стручен настан посветен на производството на бетон како најмногу употребуван и истовремено најчувствителен на импровизации конструктивен материјал, е подигнување на јавната свест за потребата, значењето и улогата на квалитетно домашно градежништво, а со тоа и на отпорните градби кои се единствен одбранбен механизам од дејството на земјотресите и другите природни хазарди.
-Истовремено, со него сакаме да ја потенцираме важноста од доследно почитување на стандардите и пропишаните постапки за изработка на квалитетни градежни материјали, без што се навлегува во зона на ризични авантури со несогледливи последици, велат организаторите.
Пет групи составени од по два студенти од Градежниот факултет и еден ученик од средното училиште „Здравко Цветковски“ ќе треба да приготват бетон со одреден квалитет и да го вградат во контролни пробни тела. Јакоста на притисок на изработениот бетон ќе се испита на 26 јули во 5:17.
-Со ова симболично сакаме да ја одбележиме 60-годишнината од земјотресот чии катастрофални последици најмногу се должат на лошиот квалитет на тогашните градби. Истовремено настанот треба да послужи и за зголемување на видливоста на градежништвото, како дејност од суштествено значење за нормално функционирање и развој на државата, потенцираат организаторите.