Претседателот на Стопанската комора на Република Северна Македонија, Бранко Азески заедно со група на извозни компании денеска беа во посета на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип. Азески заедно со делегација од комората и претставници на неколку компании го посетија научно – истражувачкиот центар на во Кампус 2 на УГД, а потоа имаа средба и со сите декани на факултетите на УГД.
На средбата се разговараше за начините и формите на активно вклучување на науката во градење на конкурентски предности на извозните компании.
Ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски вели и досега има успешни примери на научно-истражувачка и стручно-апликативна соработка помеѓу со бизнис секторот, но таа соработка допрва ќе се продлабочува.
-Ние имаме соработка која сакаме да станеме уште по интензивна. Заложба е преку реални проекти заеднички да ја подобриме економијата и секојдневниот живот. Целта е на нашите студенти да им отвориме простор за развој во нашата држава и реализирање на една квалитетна кариера. Ова е само прв чекор и имаме дефинирано неколку полиња на соработка и релативно бргу ќе пробаме да ги реализираме,вели Мираковски.
Азески, заедно со делегацијата од комората, имаа поединечни средби со ректорот на која присуствуваше и проф. д-р Дарко Лазаров од Економски факултет кој ги презентираше можностите за идна соработка помеѓу двете институции.
-После дефинирањето на целите и методологијата во понатамошниот период, прва посета правиме токму на УГД во Штип. Со тоа ставаме симболично значење дека двете клучни полиња се извозот и образованието на стопанската комора во иднина. Овие приоритети ќе бидат поставени како највисоки. Воглавно можам да кажам дека кај ректорот наидовме на големо разбирање за нашите позиции. Наидовме на големо разбирање за фактите и бројките кои ќе бидат водич во иднина. Ние не сме сами за себе доволни и предлагаме зголемување на соработката најнапред меѓу бизнисот и високото образование, вели Азески.
После средбата со ректорот делегацијата имаше состанок и со сите декани на факултетите на УГД, каде имаше дискусија за можностите кои ги нудат за соработка поединечните факултети.