Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најостро го осудува чинот на опожарување на возилото на сопственикот на регионалната телевизија М-Нет ХД од Штип, Благој Серсемов, од страна на непознати сторители во дворот на неговата семејна куќа.
„Заканите и заплашувањата насочени кон медиумите ја поткопуваат демократијата, слободата на говорот и слободата на информирање. Безбедноста на медиумските работници е клучна за постоење на независни и професионални медиуми, кои се еден од главните стожери на демократските процеси и кои придонесуваат за унапредување на слободата на изразување“, велат од АВМУ.
Апелираат, Министерството за внатрешни работи во најскоро време да го расчисти случајот и да ја информира јавноста за причините кои довеле до овој вандалски чин.