Димитар Апасиев, пратеник и лидер на политичката партија Левица, прашува „дали владата прогласила кризна состојба во државава без владина одлука доставена до пратениците во Собранието на Македонија“.
„Согласно изјавите на премиерот, министрите, докторите и директорот на ЦУК – некој од нив перманентно изјавуваат дека се дел од некаков си „Кризен штаб“ – што им дава дополнителни ингеренции во случајот со пожарот во дискошталата во Кочани (пример: посета на болни без следење на медицински протокол).
Но, согласно чл. 31 од посебниот Закон за управување со кризи (Сл. весник на РМ бр. 29/2005), како lex specialis, за да постои кризна состојба и согласно тоа ’Кризен штаб’ – потребна е владина одлука, која потоа се доставува до Собранието кое врши парламентарен надзор in concreto!
Оттука, бидејќи ваква одлука нема и нема никакво известување до нас пратениците, како контролори на извршната власт, јавно прашувам дали тоа и ’кризнава состојба’ ви е прогласена илегално и противзаконски, меѓу владината коалиција – што би се рекло на диво, без запазена регулатива и процедура – како, впрочем, и целата истрага што ја буткате на мускули (со владино прикривање на одговорните и поштедување на вашите штабомани и клиенти)?“, прашува Апасиев преку статус на социјалната мрежа Фејсбук.