Централните банки во процесот на пристапување кон Европската Унија имаат значајна улога во обезбедувањето усогласеност во подрачјата во нивна надлежност, пред сѐ овозможувањето на монетарната и финансиската стабилност, беше истакнато на средбата одржана во Народната банка меѓу гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, и гувернерот на Хрватската народна банка, Борис Вујчиќ.
Како што соопшти Народна банка, на средбата гувернерот Вујчиќ ја изразил натамошната подготвеност за споделување на хрватските искуства од евроинтеграцискиот процес со Народната банка којашто и сега, според оцените на европските институции, има високо ниво на усогласеност во подрачјата на нејзина надлежност, особено во доменот на банкарскиот систем, како основа за ефикасно распределување на финансиските средства во економијата.
-Ова во 2021 година го потврди Европската комисија со донесената одлука со која утврди дека нашата држава има воспоставено супервизорска и регулативна рамка за основањето и работењето на банките во согласност со стандардите пропишани во Европската Унија. Неодамна, и Комитетот на експерти на Советот на Европа за спречување перење пари и финансирање тероризам („Манивал“) оцени дека системот за лиценцирање и супервизија на Народната банка ги исполнува меѓународните стандарди за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот, истакнал Вујчиќ.
Хрватските искуства во претпристапниот процес кон Европската Унија како патоказ за процесот на пристапување кон ЕУ, но и за исполнување на надлежностите потоа, се од големо значење за натамошно трасирање на работењето на нашата централна банка. Оттука, Народната банка дава особен придонес, активно учествувајќи во ресорските процеси и национални стратегиски документи за интеграција во ЕУ, преку преземање активности во однос на усогласувањето на своето работење со европските стандарди, во рамките на подрачјата коишто ги покрива.
На средбата станало збор и за стабилизирањето на инфлацијата и за нејзиното сведување на историски ниските стапки. Овој приоритет во работењето на централните банки како предуслов за предвидливо и стабилно окружување ќе придонесе за економски раст, отворање нови работни места и развој.
Во однос на оваа тема, на средбата било заклучено дека и покрај веќе видливото забавување на инфлацијата, стапките сѐ уште се високи и наметнуваат водење внимателни макроекономски политики. Во светски рамки, за справувањето со оваа инфлациска епизода, сведочиме на едно од најсинхронизираните затегнувања на монетарната политика во изминатиот половина век, при што реакцијата на централните банки беше двојно посилна во однос на историскиот просек, што придонесе за забавување на вкупната инфлација.
Неодамна, Меѓународниот монетарен фонд во оцената од мисијата којашто ја посети нашата земја, нагласи дека како резултат на соодветната монетарна политика веќе се согледува забавување на стапката на инфлацијата и кај нас. Идните инфлациски движења во економиите во регионот, како мали и отворени, ќе бидат условени од трајноста и големината на надворешните шокови, пред сѐ движењата на пазарите на примарните производи, структурните карактеристики и преземените структурни реформи за ублажување на ранливоста, но и од исклучителна важност за натамошно одржливо намалување на стапката на инфлација ќе биде водењето претпазливи макроекономски политики.
Средбата меѓу двајцата гувернери, како што е наведено во соопштението од Народна банка, е во знакот на традиционално добрата соработка на централните банки, којашто се заснова на размена на искуства за прашањата поврзани со справувањето со предизвиците за монетарната и финансиската стабилност.