На денешната седница во Собранието се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова која истакна дека Предлог-буџетот за 2026 година претставува стратегија, визија и одговорност кон граѓаните, економијата и институциите.
„Буџетот не е само финансиски план, ниту табела со бројки, тој претставува стратегија, визија и одговорност кон граѓаните, економијата и кон институциите. Буџетот за 2026 година е документ што многу јасно ја одразува разликата помеѓу оваа Влада и сите влади пред неа. Овој Буџет е јасна политичка порака, дека државата конечно се движи во вистинска насока, дека економијата расте, дека институциите работат дисциплинирано и дека секој денар е ставен во функција на развој, инвестиции и подобар животен стандард. Овој Буџет е еден од најреалните и најодговорно планираните во последната деценија. Тој е јасна порака дека државата се движи напред и дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ управува дисциплинирано и државнички“, рече Ангелова.
Таа посочи дека во 2026 година треба да се вратат 1,2 милијарди евра долгови создадени од претходните влади.
„Во 2026 година треба да се вратат 1,2 милијарди евра долгови создадени од претходните влади, ние можевме да одиме во популизам, да оставиме хаос, да расфрламе средства но избравме дисциплина, државност и рационално планирање. Вкупните приходи во 2026 година се планирани на 374, 9 милијарди денари, со реален и конзервативен пристап. Расходите се 414,2 милијарди денари насочени кон функционирањето на јавните услуги, капитални инвестиции и социјална поддршка. Буџетскиот дефицит е 3,5% од БДП што е значително намалување во однос на приходите години и во согласност со фискалните правила и препораките на меѓународните финансиски институции“, посочи Ангелова.