По формализирањето на нашата коалиција, нашиот сојуз одлучи да ги сплоти пратениците во една пратеничка група, кажа на денешната прес-конференција Африм Гаши.
Како што изјави, денеска е поднесено известување до претседателот на Собранието дека од сега па натаму партиите од Европскиот сојуз за промена ќе дејствуваат преку една пратеничка група.
Координатор на оваа група од трите партии ќе биде пратеничката Сафие Садиќи Шаини, а заменик координатор ќе биде пратеничката Мерита Коџаџику.
– На овој начин Европскиот сојуз за промена цели да ги искористи сите можности кои ги дава Деловникот на Собранието за пратеничките групи. Сметаме дека има многу отворени прашања и процеси поврзани со европската иднина на земјата за што сме сериозно заинтересирани да помогнеме, рече Гаши.
Од таму апелираат до претседателот на Собранието, Талат Џафери да не го пролонгира изборот на членот на ДИК кој му следува на опозицијата, затоа што, како што велат, тоа го прави соучесник во непочитувањето во Изборниот законик.
„Одлучни сме оваа битка да ја водиме се до целосното ослободување на Албанците од режимот на ДУИ. Мнозинството од албанскиот народ кој сакаше да не види заедно во овој сојуз сака промени и оваа лавина на промени никој не може да ја спречи. Ние сме тука да ја исполниме оваа обврска“, изјави Гаши.
Во новата пратеничка група се шест пратеници и додаваат дека се отворени за сите пратенци кои сакаат да се приклучат.