Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата оти нема никаков доказ дека сопственикот на клубот „Пулс“ иницирал лиценца во 2025 година. Ова го истакна државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски на денешната прес-конференција на која обелодени детали од истрагата за пожарот во клубот во Кочани што однесе 61 млад живот.
Во делот на одговорноста на Министерството за економија кое е надлежно за лиценците на угостителските клубови, Коцевски рече дека покрај осомничениот министер за економија, државниот секретар и тројца службеници, истрагата е проширена и за уште три лица кои во периодот од функционирање на клубот (2012 година) ја извршувале функцијата министер за економија, двајца државни секретари и уште три службени лица на раководни позиции надлежни за угостителство и туризам.
Се истражуваат оти му овозможиле на „Пулс“ да добива лиценци незаконито од отворањето до пожарот.
Обвинителството ја прошири истрагата во врска со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на нови 19 лица. Тие се осомничени за Тешки дела против општата сигурност. За четворица од новоосомничените за пожарот во Кочани Обвинителството бара притвор, за седум мерка куќен притвор во комбинација со забрана за комуникација, а за уште седум лица се бараат мерки на претпазливост. Еден осомничен не е во државата. Досега за пожарот се осомничени вкупно 47 физички и три правни лица.