Власта не прифаќа покачување на минималната плата, им удоволува на големите трговци и бизнис партнери кои се богатат на грбот на народот. Како тоа да не е доволно, власта подготвува нов удар врз работниците: укинување на „недела неработен ден“, изјави на прес-конференција, Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ.
„Овој проект СДСМ го воведе за да им овозможи на стотици илјади работници гарантиран слободен ден, да имаат повеќе време за нив и за нивните семејства. Оваа политика беше поздравена од граѓаните и работниците, а сега се доведува во прашање под притисок на трговците и бизнис интересите на власта. Со оваа одлука Мицкоски и ДПМНЕ директно го потценуваат трудот на работниците и ја негираат важноста на нивниот одмор и времето за семејството“, рече Костова.
Како што додаде, во време кога општеството се соочува со се поголеми предизвици во самите семејства, девијантни однесувања, сегрегацијата, булинг во училиштата оваа одлука е крајно лоша и со големи негативни последици за општеството.
„Изговорите на власта дека во одредени дејности и сега се работи и дека поради тоа треба сите да работат во недела воопшто се неиздржани. Прво, работат мал број на дејности во кои производство е во таков процес да не смее да се прекине, работат аптеки, пекари и така натаму. Целите на секоја Влада треба да биде намалување на овие дејности а не зголемување“, рече Костова.
Затоа, како што додаде, СДСМ е категорично против укинувањето на недела неработен ден.
Премиерот Мицкоски, претходно изјави дека во недела или сите треба да работат со двојна или тројна дневница, или никој.