Агенцијата за храна и ветеринарство и годинава се приклучува со поддршка на глобалната иницијатива за одбележување на 28 Септември – Светски ден на борбата против беснило, кој под мотото ,,Сите за еден, едно здравје за сите,, се надоврзува на успехот на концептот „Едно здравје“ од 2022 година. Фокусот е ставен на соработката, еднаквоста и зајакнувањето на здравствените системи во борбата со беснилото, за постигнување на глобалната цел – нула човечки смртни случаи од беснило пренесено од кучињата до 2030 година (# ZeroBy30).
-Светскиот ден на борба против беснило е можност како институција да потсетиме дека борбата против оваа болест не е и не смее да биде само еден ден, туку да продолжи да се спроведува како и досега, континуирано и мултисекторски. Поддржан од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), Светската организација за здравје на животните (WOAH) и Светската здравствена организација (СЗО), Форумот Обединети против беснило, преку концептот Едно здравје и годинава ги обединува и координира владите, производителите на вакцини, истражувачите, невладиниот сектор и развојните партнери секој, од својот домен на интерес да го вложат максимумот во остварувањето на глобалната цел – Нула смртни случаи од беснило до 2030 година, бидејќи за жал, се уште во светот на секои 9 минути од оваа болест умира по едно лице или околу 59 илјади луѓе со светски рамки – вели Николче Бабовски, директор на Агенција за храна и ветеринарство.
Фокусoт на светската кампања годинава ставен e на соработката и вакцинацијата, како основи на кои се темели борбата против беснилото и во земјава. Токму на нив и во изминативе години се реализираа активностите на Агенцијата за храна и ветеринарство во борбата против оваа болест која е еднакво опасна и за животните и за човекот.