Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети денеска во партиското седиште во Тетово се сретна со швајцарската амбасадорка во земјава, Вероник Улман.
Ахмети и Улман разговараа за политичката состојба во земјата и регионот, евроинтеграциите и уставните измени, неселективното владеење на правото, духот на Охридскиот договор и прашањето на легитимитетот.
Ахмети ја увери амбасадорката Улман за посветеноста на ДУИ за евроинтеграциите како прв и непоколеблив приоритет на партијата и дека сме посветена на уставните измени за вклучување на бугарската заедница во Уставот и почитување на Договорот од Преспа со Грција.
Во однос на духот на Охридскиот договор, Ахмети истакна дека Швајцарија е многу добар пример за социјална кохезија и еднаков соживот и затоа треба да се заложи за уште повеќе да го промовира духот на еднаквост и толеранција во земјата.
„Охридскиот договор го гарантираат Европската Унија и Соединетите Американски Држави.
Овој договор е сериозно прекршен од власта со моноетнички легитимитет.
Изборниот легитимитет и етничката волја мора да бидат заштитени од сите бидејќи тоа е извор на стабилност.
Во однос на владеењето на правото, ДУИ се залага за неселективна правда, надвор од канџите на партиите кои ја презедоа улогата на истражител, обвинител и судија, затоа е потребен меѓународно мониториран ветинг за да се запре политичката пропаганда и ловот на вештерки“, е нагласено во соопштението.
За дестабилизирачките сценарија на Владата, Ахмети, како што е напишано во дописот повторно подвлекол дека ДУИ не е дел од вакви сценарија и тоа е голема владина измама да се дефокусира јавноста од безброј неуспеси и скандали.
„ДУИ од септември ќе ги посетува граѓаните во секое населено место и заедно со нив ќе дејствува во одбрана на погазеното национално достоинство од слугите на ВМРО“, информираат од оваа партија.