Американската амбасадорка Анџела Агелер по посетата на касарната „Јане Сандански“ во Штип, каде што имаше презентација на новите шест лесни оклопни возила, на новинарско прашање дали ќе има проширување на црната листа на САД со санкции, информира дека списокот е нешто што нивните закони го наметнуваат и бараат.
„Станува збор за листа која што е динамична и органска и постојано трпи промени. Има мноштво имиња од кои што може да се избере. Во моментов се разгледуваат повеќе случаи и имиња и се следи ситуацијата. Можеби сега ќе ве разочарам затоа што ќе кажам дека немам датум кога листата ќе биде ажурирана, меѓутоа тоа постојано се прави“, рече Агелер.
Таа дополни дека секоја реформа во Судскиот совет и воопшто во судтвото, треба многу внимателно да се разгледа и да се носат мудри одлуки.
„Постои патоказ од ЕУ што ние како Влада и амбасада го поддржуваме. Мојот заклучок на прашањето дали се потребни реформи во судството е: „Да, апсолутно се потребни“, рече Агелер.