Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, оствари средба со амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата на која присуствуваа и судиите на Врховниот суд се говореше за повеќе прашања кои се однесуваат на независноста и самостојноста на судството.
Беше истакнато дека независноста на судството е најсилната гаранција за владеењето на правото и дека интегритетот на судиите претставува клучен фактор за остварување на принципите на независното судство.
Судството не смее да биде под притисок на политиката и не треба да се дозволи мешање на другите власти во донесувањето на судските одлуки кои мора да се засновани на законите. Потребно е да се почитува уставното начело на поделба на власта, а судиите да бидат ослободени од какви било влијанија.
Суштинска улога за независноста на судството има и транспарентноста како еден од најважните фактори за јавната перцепција и доверба. Од големо значење е и доследната примена на европските стандарди и почитувањето на правните вредности.
Амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Ангела Агелер, истакна дека потребно е да се даде силна поддршка на ваквите заложби за независно и транспарентно судство и дека активностите на Врховниот суд во таа насока даваат клучен придонес во реформскиот процес.