30.000 денари државна поддршка за приклучок или котел на гас – јавниот повик е отворен, Министерството ги повикува граѓаните да ја искористат можноста


denari-plata-1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини продолжува со спроведување на мерките што обезбедуваат директна финансиска поддршка за граѓаните и ги поттикнува инвестициите во поекономично, поефикасно и почисто греење.


Во тек е јавниот повик за доделување субвенции за приклучување на природен гас и за набавка на котел на гас, преку кој домаќинствата можат да добијат финансиска поддршка до 30.000 денари, односно до 70 проценти од направените трошоци.

Министерството потсетува дека рокот за поднесување на барањата е 31 октомври 2026 година, а сите заинтересирани граѓани кои ги исполнуваат условите имаат доволно време да ја искористат оваа можност.

Со оваа мерка државата не само што им помага на семејствата да ги намалат сопствените трошоци за инвестиција, туку придонесува и за поголема енергетска ефикасност, користење почист енергенс и подобрување на квалитетот на животната средина.

Право на финансиска поддршка имаат домаќинства кои во текот на 2026 година ќе извршат куќен приклучок на системот за дистрибуција на природен гас, како и домаќинства кои ќе набават котел на природен гас за објект што бил приклучен на системот заклучно со 1 јануари 2026 година. За едно домаќинство може да се поднесе едно барање.

За оваа мерка се обезбедени 3 милиони денари, а средствата ќе се доделуваат согласно условите од јавниот повик. Средствата ќе се доделуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, до нивно исцрпување. Повеќе информации има на сајтот на министерството – https://energy.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/javni-oglasi/javen-oglas-za-nadomestuvanje-na-del-od-trosocite-za-izvedba-na-priklucok-na-sistemot-za-distribucija-na-gas-vo-rsm-ili-za-nabavka-na-kotel-na-gas-na-izvrsen-priklucok-na-sistemot-za-distribucija-na-gas-oktomvri

По завршувањето на рокот, комисија формирана од Министерството ќе ги разгледа доставените апликации, а финансиската поддршка ќе биде исплатена на сите корисници кои ги исполнуваат пропишаните услови.

Министерството ги повикува сите граѓани кои планираат приклучување на природен гас или набавка на котел на гас да не ја пропуштат можноста за државна поддршка и навремено да ја поднесат потребната документација.

Поддршката на граѓаните останува еден од приоритетите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Преку конкретни мерки и субвенции, Министерството продолжува да спроведува политики што носат директни придобивки за домаќинствата, ги намалуваат трошоците за енергија и го забрзуваат преминот кон поефикасни и поодржливи решенија за греење.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK