Како до здравствена заштита базирана на вредности за онколошките пациенти

File 12
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Кога еден пациент е соочен со дијагнозата рак, тоа е поразително за него и за најблиските луѓе околу него. Она што е уште потешко е што истиот тој пациент можеби во исто време се соочува и со други хронични болести, како на пример висок крвен притисок или дијабетес, или пак одредени автоимуни состојби. Оттаму, нему му е потребна целосна грижа од страна од здравствениот систем, во целокупниот тек на поставување на дијагноза, лекување и понатамошно следење со што предвид ќе се земе целосната, поширока слика за пациентот.

Токму на ова се мисли кога се вели дека е потребна квалитетна „здравствена заштита базирана на вредности“ (Value Based Healthcare), која го става пациентот во центарот и практично значи подобрување на здравствените услуги за да дадат најдобри резултатите кои им значат на пациентите. Постигнувањето на оваа цел се заснова на збир на промени во начинот на кој пациентот добива нега, земено предвид и што пациентот очекува – вратено здравје и квалитетен живот. Ова е особено значајно во сегментот на онкологијата, каде што здравствената заштита базирана на вредности би значела дека здравствениот систем е конципиран така да овозможи, мултидисциплинарен третман – од брза и прецизна дијагноза, преку навремена хируршка интервенција и оптимална онколошка терапија, се до најсоодветно следење на пациентот по завршување на третманот. Истовремено, од моделот на здравствена заштита базирана на вредности се очекува да овозможи оптимизација на здравствениот систем и процедури кон поголема економичност и еднаквост за пациентите.


Моделот на здравствена заштита базирана на вредности фактички ги споредува квалитетот на животот, функционалниот статус и долгорочното здравје на пациентите со трошоците за обезбедување на таквата здравствена нега. Овој пристап го префрла фокусот од квантитетот како што е бројот на процедури, анализи, пакетчиња лекови и слично на мерки кои ги максимизираат здравствените придобивки и бенефитот на самиот пациент – подобро здравје и квалитет на живот. Начините за објективно, но и субјективно мерење на  квалитетот, преку пациентски прашалници, играат клучна улога во овој вид здравствена заштита и овозможуваат проценка на ефективноста, ефикасноста и севкупниот квалитет на здравствените услуги од аспект на лекарите, но и од аспект на самите пациенти.

Така на пример, од почетокот на 21 век, третманот за рак на белите дробови драстично се подобрува. Иновативните терапии го зголемуваат преживувањето и квалитетот на живот на пациентите, но неминовно доведуваат и до зголемување на трошоците на непосредната здравствена грижа. Во моделот на здравствена заштита базирана на вредности, пациентите би имале пристап до оптимална грижа и истовремено би се мереле исходите од третманот, како што се стапките на преживување, квалитетот на животот и трошоците од лекувањето. На тој начин, вредноста која ја добиваат пациентите од лекувањето ќе може да се зголеми во однос на трошоците.

Од перспектива на јавното здравје, а земајќи ја предвид големата експанзија на истражувачката заедница, во земјите во развој и државите со ниски приходи од исклучително значење е здравствените организации да се трудат на секој чекор од патот на пациентот да ја оптимизираат здравствената грижа на начин кој ќе обезбеди што подобри исходи од третманот. Со ваквиот пристап би се намалиле неоправданите дуплирани трошоци и „тапкања во место“, а на сметка на тоа би имало систематска проценка на ефективноста на грижата и следење на лекувањето на болеста, ќе се зголемат информациите за пациентите, комуникацијата и заедничкото медицинско одлучување, со што се отвора патот за прецизност и персонализирана медицина.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK