(Видео) Род Стјуарт колабира на сцена, концертот го доврши седејќи на столче


rod-stjuard-depositphotos_815387192_l.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Британскиот рок-музичар, Род Стјуарт, мораше накратко да го прекине концертот во Јута минатиот петок откако му се слошило на сцената. Осумдесет и едногодишниот музичар зад сцената примил кислород, по што се вратил пред публиката и го довршил настапот седејќи на столче.


Инцидентот се случил во амфитеатарот Utah First Credit Union Amphitheatre во Вест Вали Сити. Според порталот „ТМЗ“, Стјуарт за време на настапот изгледал видно исцрпено и се превиткувал од болка, по што зад сцената добил боца со кислород за полесно дишење.

@mariaazgamesRod Stewart oxygen tank onstage Utah concert scare♬ original sound – mariaazgames

„ТМЗ“ објави и снимка на која се гледа како пејачот се наведнува на сцената пред персоналот да му донесе кислород. Подоцна тој ѝ се обратил на публиката и им рекол дека за малку ќе се онесвестел, но притоа и се пошегувал на своја сметка. Неговите претставници засега не дале официјален коментар.

Ова е само последен во низата здравствени проблеми со кои се соочува Стјуарт. На почетокот на месецот тој објави дека одложува неколку свои настапи во Лас Вегас, бидејќи лекарите му препорачале дополнителен одмор додека закрепнува од грип.

Помалку од една недела подоцна, пејачот на хитот „Меги Меј“ откажа четири и одложи уште два концерта во Невада и Калифорнија, кои требаше да се одржат во рамки на неговата турнеја „За последен пат“.

„Многу ми е жал, пријатели. Скршен сум и искрено им се извинувам на моите обожаватели за сите непријатности“, напиша тогаш Стјуарт на Инстаграм.

Минатиот викенд музичарот се најде и на удар на критики откако поради здравствени причини откажа концерт во Калифорнија, а само неколку часа подоцна беше забележан на натпревар од Светското првенство во Бостон, на кој играше репрезентацијата на Шкотска.

Неговиот тим тогаш соопшти дека, по совет на лекарите и поради акутна инфекција на горните дишни патишта која предизвикала ларингитис, Стјуарт не бил во можност да настапи.

Подоцна и самиот пејач објави дека по терапијата се чувствува подобро, но дека гласот сè уште не му е закрепнат, поради што не можел да го одржи концертот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK