Месецот ноември 2024 година ќе биде одбележан со мисијата Артемида 2, во која астронаутите на НАСА ќе летаат околу Земјиниот сателит, а доколку се биде во ред, ќе слета и следната мисија Артемида 3, планирана за крајот на 2025 година на јужниот пол на Месечината. Ова ќе биде прв потфат од ваков вид во последните 53 години, а истражувачите се убедени дека на човештвото му претстои епохално откритие. Едно од потенцијалните изненадувања би можело да биде откривањето на живот на Месечината.
Микроорганизми и микроби на Месечината
Научните истражувања покажаа дека посетителите на Месечината во иднина треба да обрнат посебно внимание на суперладните кратери кои се во вечна сенка, кои потенцијално би можеле да претставуваат извор на микроорганизми кои некако „мигрирале“ од Земјата. Истражувачите на НАСА веруваат дека ниту суровите услови не се пречка за развој на микроорганизми, а сега нивна задача е да откријат кои специфични организми имаат најмногу предиспозиции да преживеат на Месечината.
Кога станува збор за микробите, мислењата на научниците овде во голема мера се согласни: повеќето од нив веруваат дека човекот е клучниот фактор кога станува збор за нивното пренесување, а како помалку веројатна теорија ја наведуваат нивната спонтана миграција преку „земните метеорити“. Планот е и да се проучува издржливоста на микробите.
„Најверојатно ќе оставиме здрави микробиолошки спори во заштитени ниши каде ниските температури и заштитата од радијација ќе си ја завршат работата и ќе ги спасат од уништување“, рече Хедер Греам, геохемичар и член на научниот тим.
Предизвикувачка мисија од историско значење
Изборот на безбедно, но сепак научно корисно место за слетување на Месечината е многу предизвикувачка задача со која се соочува тимот на НАСА, бидејќи ниту еден експерт не може со сигурност да објасни како се формира ледената покривка на Месечината. Од друга страна, тука се и последиците што ги носи таквата мисија, како што е таложење на јаглерод диоксид и мраз во постојано затемнети области долж траекторијата на леталото, а токму ова сценарио може да ги загрози другите, не помалку важни истражувања. Како и да е, мисијата планирана за следната година ќе биде важна за развој на технологии како и откривање на потенцијален живот на Земјиниот сателит, па не ни преостанува ништо друго освен нетрпеливо да го чекаме враќањето на астронаутите.