Во денешното дигитално доба, дезинформациите и нивното ширење стануваат сè поголема грижа. Со брзиот раст на социјалните медиуми и леснотијата на споделување информации, стана предизвик да се направи разлика помеѓу факт и фикција. Како да се заштитиме од дезинформации? Ова е прашањето што го поставува Епизода 6 од серијата ТВ Такси 28.
Гостите Михајло Лахтов, Борис Георгиевски и Лила Стојановска се согласуваат дека медиумска писменост е клучна. Важно е критички да ги анализираме информациите што ни се презентирани од медиумите и да го проценуваме нивниот кредибилитет. Сензационални наслови и постовите од сомнителни извори на социјалните мрежи секогаш треба да ни бидат аларм за преиспитување и проверка на фактите.
Луѓето од јавниот живот се многу често мета на дезинформации, за нив се шират секакви вести, а имаат многу малку инструменти за да го сопрат тоа.
„Луѓето се склони дури и ако има некоја вистина, да ја исфилуваат, да ја направат толку страшна, да се обидуваат на секој начин нешто да упропастат.“, вели најпознатата македонска водителка Лила Стојановска.
Таа раскажува како изградила имунитет кон дезинформациите што се шират за неа и смета дека навистина е важно луѓето да погледнат од кој извор доаѓаат информациите пред да ги прифатат како вистинити, а уште повеќе да не учестуваат во споделување и ширење. Во ера на моментални информации, од суштинско значење е да се направи чекор назад и критички да се процени информацијата пред да се сподели на социјалните мрежи.
„Традиционалните медиуми се сепак поконтролирани, имаат поголема одговорност и кон јавноста и пред законите додека онлајн, интернет медиумите, порталите се често нерегулирани, немаат ни основен импресум, немаат ни основно ниво на информираност на читателот за тоа кои се, што се, кој ги финансира односно кој стои зад нив.“, вели Борис Георгиевски, уредник на Дојче Веле на македонски јазик.
Следењето на новинари, медиуми и експертите со докажано, непристрасно известување и проверена експертиза на платформите на социјалните медиуми може во голема мера да ни помогне за да не залутаме во мрежата на дезинформации и полувистини.
„Моја цел како новинар секогаш била да бидам повеќе читан, повеќе слушан и повеќе гледан и тука нема ништо лошо. Лошото е кога таа трка се претвора не во трка за поквалитетна информација и ексклузива туку во бркање кликови со шпекулации и лажни вести, со полуинформации и дезинформации.“ истакнува Георгиевски.
Во морето на информации проблемот денеска е како да дојдеме до некаква јасност, како да ја правиме дистинкцијата мегу вистина и fake news и кому да веруваме.
„Медиумската писменост е таа која овозможува ние самите да изградиме однос кон медиумите и информациите што доаѓаат кон нас. Важно е да не бидеме на автопилот туку сами да ги бараме информациите што не интересираат, а не само да примаме сѐ што стигнува до нас.“ вели експертот за комуникации и медиуми Михајло Лахтов.
Целата епизода погледнете ја на линкот.