Понекогаш се доволни само неколку ноти за да сфатите дека пред вас е песна што нема да остане незабележана. Токму таква е „Луди и наивни“, првиот заеднички музички проект на Мартинијан Кириловски и Драгана Јовановска, кој од денес е достапен на YouTube и на сите дигитални музички платформи.
Со модерен поп-звук, суптилен регетон ритам и искрена емоција, „Луди и наивни“ носи приказна за љубовта што не признава правила. За чувствата што нè тераат да веруваме без резерва, да ризикуваме, да простуваме и, понекогаш, да бидеме токму она што го носи и самиот наслов, луди и наивни.
Зад музиката, текстот и аранжманот стои Роберт Билбилов, автор кој со години создава хитови што остануваат да живеат меѓу публиката. И овојпат неговиот препознатлив музички печат резултира со композиција која уште при првото слушање остава силен впечаток.
Целата приказна добива дополнителна димензија преку видеоспотот во режија и продукција на Алек Тасевски | Eye Contact, кој со внимателно изградена визуелна естетика ја следи емоцијата на песната и ја претвора во впечатлива музичка слика.
Иако ова е нивна прва соработка, Мартинијан и Драгана звучат како музички тандем кој долго време чекал да се случи. Нивните вокали природно се надополнуваат, создавајќи искрен дијалог исполнет со емоција, динамика и хемија што се чувствува во секој стих.
Мартинијан Кириловски не ја крие возбудата што неговиот прв дует конечно ја гледа светлината на денот:
„Навистина сум среќен што ‘Луди и наивни’ конечно е пред публиката. Ова е мојот прв дует во кариерата и ми е особено драго што токму со Драгана ја создадовме оваа музичка приказна. Од самиот почеток почувствував дека песната има посебна емоција и верувам дека многумина ќе се пронајдат во неа. Ми беше чест да соработувам со Роберт Билбилов, кој направи извонредна песна, со Алек Тасевски кој склопи одличен видеозапис, како и со целиот тим што работеше на овој проект. Искрено се надевам дека публиката ќе ја прифати ‘Луди и наивни’ со истата љубов со која ние ја создававме.“
За Драгана Јовановска, оваа песна е резултат на искрена енергија и тимска работа:
„Ова беше прекрасен проект на кој работевме со многу љубов и посветеност и мислам дека имаме една преубава летна песна. Благодарна сум на Роберт Билбилов за довербата, на Мартинијан за прекрасната соработка и на целиот тим што беше дел од оваа приказна. Верувам дека ‘Луди и наивни’ ќе допре до публиката и ќе остане да се слуша долго.“