Холивудската актерка, Кристина Еплгејт (53) откри кој и бил еден од првите симптоми на мултиплекс склероза. Актерката разговараше за тоа со во својот поткаст со режисерката на серијата Dead To Me, Лиз Фелдман.
„Се сеќавам дека тој ден паднав… Видете, првиот знак на мултиплекс склероза!“, се присети Еплгејт, која првично ги игнорирала симптомите. Ситуацијата се случила за време на снимањето на споменатата серија, за време на сцена во која актерката трчала низ поле.
Лиз призна дека и самата се сеќава дека Еплгејт на моменти била нестабилна на нозе, но и двете тоа го припишале на исцрпеноста. „Се сеќавам еднаш, снимавме веројатно 14 или 15 часа, сосема беше разбирливо некој да колабира“, изјави режисерката.
Првата сезона на серијата Dead To Me беше објавена во 2019 година. Една година подоцна беше потврдено дека се работи на третата сезона, која подоцна беше одложена поради пандемијата на коронавирус и дијагнозата на Кристина.
Фелдман тогаш за медиумите изјави: „Нема прирачник за ова. Можев само да почувствувам дека е исплашена и дека нешто не е во ред, нешто во нејзиното тело не работи како што таа сакаше“.
„Ја познавав Кристина доволно добро за да знам дека нешто големо мора да се случува бидејќи таа е голем професионалец“, додаде Лиз.
Снимањето конечно започна во 2021 година, а Кристина дојде на сетот во инвалидска количка.