Сиси Хјустон, добитничка на Греми и мајка на покојната Витни Хјустон, почина на 91-годишна возраст.
„Со тага објавувам дека денес почина мојата сакана кралица Сиси Хјустон! Молете се за семејството Хјустон“, напиша нејзината снаа Пет Хјустон на Инстаграм.
View this post on Instagram
Сиси Хјустон е родена како Емили Дринкард на 30 септември 1933 година во Њуарк. Таа пораснала во музичко семејство и ја започнала својата кариера пеејќи во црковниот хор, а подоцна и како член на евангелската група Drinkard Singers, основана од нејзината постара сестра Ли.
Нејзиниот продорен глас и талент брзо го привлекоа вниманието и таа стана баран придружен вокал во музичкиот свет. Во текот на 1960-тите, таа се приклучи на групата Sweet Inspirations, придружна вокална група која соработуваше со легенди како Арета Френклин и Елвис Присли. Со текот на годините, Сиси Хјустон работеше со многу музички великани, вклучувајќи ја Дион Ворвик, нејзината внука, потоа Отис Рединг, Џими Хендрикс и многу други.
Како соло изведувач, Хјустон издаде неколку албуми и се истакна со хитовите како Think It Over и Warning – Danger. Таа ја освои наградата Греми за најдобар госпел настап во 1996 година, потврдувајќи го нејзиниот статус во музичката индустрија. Нејзината кариера остана во сенка на трагични приватни настани, особено поради прераната смрт на нејзината ќерка Витни Хјустон.
Сиси напиша мемоари, Remembering Whitney: My Story of Love, Loss, and the Night the Music Stopped, во кои ги сподели своите сеќавања за Витни, нивната семејна историја и нејзината перспектива за предизвиците низ кои поминале.