Македонскиот диџеј и продуцент Galoski бележи нов голем меѓународен успех. Неговото најново издание STEP се најде на место broj 9 меѓу 10-те најпуштани траки од други диџеи во светот во изминатиот месец, според податоците на 1001Tracklists.
На глобалната листа STEP се најде во друштво со изданија од Swedish House Mafia, MEDUZA, Cloonee, Prospa, Adriatique и други актуелни имиња од светската електронска сцена.
Ова е уште позначајно бидејќи STEP е независно издание објавено преку Side Effects, новата издавачка куќа на Galoski. Во август тој објави две нови изданија – STEP и Come Closer, со кои го започна новото поглавје на сопствената издавачка куќа.
Зад најновиот резултат стои и исклучително активно лето за Galoski. Неговата музика се вртеше во сетови и радио емисии на David Guetta, Swedish House Mafia, Armin van Buuren, Martin Garrix, Dimitri Vegas & Like Mike, Fedde Le Grand, Nicky Romero и многу други, со што продолжи поддршката што тој ја добива од дел од најголемите имиња во електронската музика.
Неговата музика ова лето се слушна и на Tomorrowland, со што Galoski втора година по ред има свои траки пуштени на еден од најголемите фестивали за електронска музика во светот.
Но, со ова не завршува активниот период – веќе на 11 септември, тој има најавено ново издание за Smash The House, светски познатата издавачка куќа на Dimitri Vegas & Like Mike, додека уште едно ново издание е планирано за октомври 2026.
Последните резултати се продолжение на повеќе од 20 години континуирано присуство на Galoski на електронската музичка сцена. Низ годините тој има објавувано музика за меѓународни издавачки куќи, неговите изданија редовно се наоѓаат во сетовите на водечките светски диџеи, а претходно беше вброен и меѓу 100-те најподдржувани артисти во електронската музика во светот според 1001Tracklists.
Со #9 позицијата на STEP, двете августовски изданија, присуството на Tomorrowland и новата музика која следува во септември и октомври, Galoski продолжува со силно меѓународно присуство и во 2026 година.