Жена шетајќи покрај морето во Калифорнија пронашла долг, древен заб од мастодонт.
Фосилот, сепак, по нејзиното откривање, бил покриен со песок, а по апел на социјалните мрежи повторно бил откриен, а потоа дониран во музејот во Санта Круз.
Џенифер Шух се шетала на плажата во округот Санта Круз, Калифорнија, за време на празничниот понеделник и забележала нешто необично како излегува од песокот, пишува Гардијан. Кога подобро го погледнала предметот, заклучила дека се работи за 30 сантиметри долги фосилизирани остатоци од древно животно, а по објавувањето на фотографиите на Фејсбук и било потврдено дека се работи за заб на изумрено животно – пацифички мастодонт, предок на слонот.
Одговорот на Фејсбук дојде од Вејн Томпсон, советник за палеонтолошки колекции во Природонаучниот музеј Санта Круз.
„Ова е исклучително важно откритие“, напишал Томпсон и ја поканил Шух заедно да одат на плажа, но кога стигнале на местото каде што бил пронајден забот, го немало.
Томпсон преку социјалните мрежи упати апел и побара помош за пронаоѓање на овој артефакт, а неговата молба се најде на насловните страници на светските медиуми.
Минатиот вторник, Џим Смит од блискиот Аптос се јави во музејот и рече дека најверојатно го нашол бараниот артефакт.
„Бев возбудена кога одговорив на тој повик. Џим ни кажа дека за време на едно од неговите редовни џогирања покрај плажата наишол на заб од мастодонт, но не бил сигурен што нашол додека не видел слика од заб на вестите“, рече Лиз Бротон, менаџер во Природонаучниот музеј.
Смит го донирал фосилот во музејот, каде што ќе биде изложен од петок до недела, но засега не е прецизно утврдена староста на забот. Еден музејски блог објави дека мастодонтите талкале во Калифорнија во периодот од пред 5 милиони до 10.000 години.