Членовите на бендот „Колдплеј“ го тужат поранешниот менаџер Дејв Холмс поради долг и неодговорност во текот на нивната турнеја Music Of The Spheres, а веста доаѓа нешто повеќе од еден месец откако Холмс ги тужеше за одредени детали од договорот.
Популарниот бенд тврди дека нивниот поранешен менаџер земал два заеми од „Лајф нејшн“ без нивно знаење и направил грешки што ги чинело милиони. Сега „Колдплеј“ бара отштета од 14 милиони фунти и тврди дека Холмс позајмил 16,3 милиони фунти од промотерите во 2015 година со каматна стапка од 2,72 отсто годишно, пред наводно да земе втор заем од 8,1 милиони фунти во 2018 година со истата каматна стапка.
Членовите на бендот, во нивната тужба поднесена до Високиот суд во Лондон, истакнаа дека Холмс ги искористил парите за развој на своите недвижности во Канада.
Меѓутоа, во тужбата што претходно ја поднесе Холмс, тој тврди дека бендот сноси вина за грешките од повеќе милиони фунти на турнејата Music Of The Spheres, на што бендот возвраќа дека Холмс, како менаџер, имал крајна одговорност за турнејата.
Холмс започна да работи со „Колдплеј“ во 2005 година, а се раздели со бендот минатата година. Во неговата оригинална тужба, тој тврди дека помогнал да се организира снимањето и жичаните аранжмани за сè уште необјавениот десетти и единаесетти албум, а бендот одбил да му плати. Тој сега треба да одговори на противтужбата на суд, а доколку двете страни не се спогодат, случајот може да заврши на судење.