Пет месеци откако Џенифер Лопез и Бен Афлек ја изненадија јавноста со веста дека се разведуваат, тие успеаја да се договорат за сите детали и поделбата на имотот и покрај тоа што не потпишаа предбрачен договор, пишува „Дејли Мејл“.
Официјалните документи за развод ќе ги потпишат на 20 февруари и секој ќе го задржи она што поединечно го стекнал за време на двегодишниот брак. Успеале да се договорат и за вилата на Беверли Хилс вредна 61 милион долари, која ја купиле заедно, но деталите се’ уште не и’ се познати на јавноста.
„ТМЗ“, исто така, објави дека Афлек ќе го задржи својот удел во продуцентската компанија „Артистс еквити“ (Artists Equity), која ја основа во 2022 година со пријателот Мет Дејмон. Компанијата стои зад неколку филмови.
Кога се појави веста за нивната разделба, многумина беа изненадени што двојката не потпишала предбрачен договор. За време на бракот нивното вкупно богатство изнесувало 550 милиони долари, од кои само Џенифер заработила 400 милиони долари.
Таа има снимено четири филма откако се омажи за Бен, вклучувајќи го и самофинансираниот проект This Is Me… Now: A Love Story, вреден 20 милиони долари, кој ја документира романсата на парот.
Бен, кој имаше нето богатство од 150 милиони долари за време на нивниот брак, глумеше во филмовите Воздух (2023) и Хипнотик (2023). Во тоа време, тој ја заврши продукцијата на продолжението на филмот „Сметководител“ од 2016 година.
Лопез и Афлек се венчаа повеќе од 20 години откако се запознаа. Двојката првпат се вери во ноември 2002 година. Неколку дена пред да се венчаат во септември 2003 година, тие ја одложија венчавката, наведувајќи го како причина прекумерното медиумско внимание. Во јануари 2004 година тие официјално раскинаа, но 16 години подоцна повторно и дадоа шанса на својата љубов, која не траеше долго.