Џастин Балдони возвраќа откако колешката Блејк Лајвли го обвини за сексуално вознемирување. Актерот поднел тужба за клевета против Њујорк тајмс, тврдејќи дека тие објавиле напис „полн со неточности, погрешни претстави и пропусти“ кој се потпирал на наративот на Лајвли, пренесува Си-ен-ен.
Лајвли поднесе жалба во декември обвинувајќи го Балдони за сексуално вознемирување. Лајвли во жалбата наведе дека откако искажала загриженост за сексуално вознемирување на снимањето на „Тоа завршува со нас“, Балдони и неговиот тим возвратиле со објавување на несоодветни написи во медиумите за да ја уништат нејзината репутација. Ова првпат го објави Њујорк Тајмс.
„Њујорк тајмс“ објави напис со наслов „Можеме да закопаме секого: внатре во холивудската машина за оцрнување“. Написот од 4.000 зборови содржеше содржина од жалбата на Блејк Лајвли, која вообичаено останува доверлива.
По тој напис и обвинувањата на Лајвли, агенцијата за таленти WME, која исто така ги застапува Блејк и нејзиниот сопруг Рајан Рејнолдс, престана да го застапува Балдони. Попатно, Блејк доби поддршка низ Холивуд, вклучително и од синдикатот на актерите.
Балдони сега тврди дека Лајвли дала лажни тврдења за сексуално вознемирување за да може да ја добие контролата врз филмот, а потоа се впуштила во кампања за „преобликување на нејзиниот јавен имиџ“.
View this post on Instagram
„Циничната злоупотреба на Лајвли на наводите за сексуално вознемирување за да наметне унилатерална контрола врз секој аспект од производството беше и стратешка и манипулативна“, се вели во тужбата на Балдони. Во тужбата се додава дека Блејк сакала да го оттргне вниманието од нејзиниот негативен имиџ и дека се е само изговор и тактика.
Во тужбата се наведува дека Њујорк Тајмс го нарушил неговиот новинарски интегритет во истрагата за нејзините наводи за сексуално вознемирување. Се забележува дека медиумите „речиси целосно се потпираа на непроверениот и себичен наратив на Лајвли“ и ги игнорираа доказите што би ги разоткриле нејзините вистински мотиви.
Портпаролот на Њујорк Тајмс изјави за Си-Ен-Ен дека публикацијата планира „енергично да се брани од тужбата“. „Улогата на независната новинска организација е да ги следи фактите каде што тие водат“, рече Даниел Роадс Ха, портпаролка на Тајмс.
„Нашата приказна беше прецизно и одговорно објавена. Таа се заснова на илјадници страници оригинални документи, вклучително и текстуални пораки и е-пошта што ги цитираме прецизно и опширно во статијата. До денес, студиото Wayfarer, господин Балдони, другите субјекти на статијата и нивните претставници не посочија никакви грешки. Ја објавивме и нивната целосна изјава како одговор на наводите во написот“, додаде Даниел.