Хорскиот фестивал ТЕХО годинава со половина век постоење освен јубилеј нескромно може да се рече ја добива и титулата најголемиот културен белег на Тетово. Оваа манифестација и градот, веќе пет децении се домаќини на стотици хорови и илјадници хористи од целиот свет и место каде се исполниле голем број нови хорски песни кои завзеле значајно место во овој вид на музика.
Ова е прва манифестација што се има одржано во Центарот за култура, во 1973 година, кој инаку како објект е прв направен во тој бран на тогашните „спомен домови на културата“ во целата држава.
Сите овие пет децении ТЕХО го организира маестро Ивица Зориќ, претседател на Управниот одбор на фестивалот и диригент на Градскиот женски младински хор „Менада“. Со него разговоравме за почетоците, за обидите да се направи традиција и за многу премрежија низ кои поминал самиот фестивал ТЕХО, но и организаторите.
Маестро Ивица Зориќ ни долови како оваа хорска приказна во градот под Шара успева да ги привлече да дојдат сите тие хорови од многу земји и на тој начин да се етаблира како препознатлив белег на градот. Вели, за многуте учесници и испеани песни голема е помошта од тоа што сите се разбираат помеѓу себе на еден универзален јазик- јазикот на музиката.
Тетово на овој начин, половина век е сведок на културно и духовно хорско растење и на тој начин создавање на најпознатиот културен бренд.
Во продолжение следува целото интервју со маестро Ивица Зориќ, претседател на Управниот одбор на фестивалот и диригент на Градскиот женски младински хор „Менада“:
Хорскиот фестивал „ТЕХО“ годинава бележи 50 години откако прв пат беше организиран во 1973 година. Како дојде до организирањето, кои беа мотивите, причините, желбите?
– Во одреден период пред воспоставувањето на фестивалот почнува да замрува активноста на хорските ансамбли во Македонија. Во тој период културно-просветна заедница иницира разговори како да се разреши овој проблем, кој е превоочлив, а во далекусежна релација и опасен. Тодор Скаловски, како тетовец, иницира како да се востанови фестивал на хорови. Сојузот на композиторите на Македонија, чиј претседател е Скаловски, констатира дека ако има фестивал нивните композиции ќе се изведуваат. Ако има фестивал, тогаш ќе има простор, медиум каде вакови дела ќе се остваруваат и ќе се мотивираат нови. Во тој момент Кочо Тулевски е претседател на Општина Тетово, кој имал сериозно организациско искуство, со чувство за културата, уживајќи неспорен авторитет. Тогаш Скаловски доаѓа кај Тулевски со барање ваков фестивал да се направи во Тетово. Организатор станува културно-просветната заедница во Тетово. Помеѓу Тетово и Битола, како претходни предлог адреси за овој нов фестивал натежнува Тетово. За големиот труд кој го има вложено би го споменал и Тома Ристоски, кој беше долгогодишен секретар на фестивалот. Првиот фестивал трае три вечери, со хорови од цела Македонија, како иницијална каписла за формирање и на други хорови. Во тој период, 70-тите, се создаваат голем број хорски композиции. Ова е прва манифестација што се има одржано во Центарот за култура, во 1973, кој инаку како објект е прв направен во тој бран на тогашните „спомен домови на културата“ во цела држава. Многу симболика, вистина и надеж има уште од тогаш во ТЕХО.
Што треба се да се прави еден фестивал да опстои 50 години и да прерасне во најголемиот културен белег на Тетово? Колку треба труд, енергија, желба? Што претставува ТЕХО лично за Вас?
-Половина век традиција и континуитет секако не е мала работа. Денес се ретки културните манифестации кои може да се пофалат со ваква или приближна бројка. Најважна е истрајноста и вербата дури и кога изгледа невозможно, а во овие години бевме сведоци на сериозно тешки услови и околности, но покажавме своевидна зрелост и способност различните и не толку поволни околности да ги надминеме, а искуството да ни послужи за уште повеќе резултати и долговечност. Констатацијата дека ТЕХО, сакаме да признаеме или не, има прераснато во најголем културен белег на Тетово е сосема исправна, имајќи предвид дека на ова подрачје и не постои настан кој опстојал половина век. А овогодишното ТЕХО нѐ внесува и во втората половина од векот. Исклучително многу жртвувања се потребни да се одржи во живот ваква манифестација која бара сериозно организирање, но мислам дека е многу поважно тоа што, не само што ваква манифестација е одржувана во живот, туку еве и на своето 50. издание ќе се претстави со многу живост и енергија. За мене лично ова се многу повеќе од четири букви или акроним, затоа што многу од нас живеевме и живееме со ТЕХО, а секако е задоволство да се има прилика во целост да се следи развојниот пат на оваа манифестација.
Кои беа најголемите предизвици во овие 50 години? Дали имаше моменти кога можеби сакавте да запрете?
– Отсекогаш сме верувале дека тоа што го правиме е исправно, колку и да постоеле мислења и струи кои не биле на таа линија. Ние опстоивме затоа што верувавме, а освен вербата дадовме и сериозен труд, влог и енергија. Во одредени моменти неспорно е присуството на апатијата и некакво незадоволство, летаргија, меѓутоа наместо да прибегнеме и ние кон тоа, одлучивме да дадеме еден интересен израз на хорска уметност, која барем периодично ќе потсетува на нашето културно богатство и на можностите кои ги дава музиката. Кога се навраќаме назад, спомените кои ги имаме, а тогаш биле создавани сосема спонтано, се бесценети. Во различни периоди недостасувала и поддршка од надлежните, некогаш и самите работни услови биле тешки, но секое завршено ТЕХО остава еден траг кој во целосната слика може да биде само плус и само повеќе за сите нас.
Половина век е долг период, но кои се моментите кои може да ги одвоите ?
– За мене, како некој што ја имал дури и „привилегијата“ одблиску да го следам ТЕХО и да го чувствувам тој пулс, секое ново и наредно ТЕХО било причина за среќа. Веројатно сите ние сме биле најсреќни кога успешно би ги обавиле обврските, па би можело мирно да здивнеме и меѓусебно да си честитаме. А во овие 50 години, имало многу такви моменти, исполнетост и задоволство…
Често пати сум слушал од Вас дека многу композитори, инспирирани од ТЕХО напишале композиции наменети за изведба токму на овој фестивал. Значи ли тоа дека ако не беше ТЕХО ќе немаше хорски композиции?
-ТЕХО секако одигра значајна улога кога се во прашање хорските композиции. Можеби е амбициозно да се каже дека без ТЕХО ќе немаше хорски композиции, но со сигурност ќе немаше многу од оние кои денеска се познати и речиси секојдневно се изведуваат. На крајот од денот, хорската сцена, и воопшто – музичката дејност ќе беше многу посиромашна. Од овој аспект, тоа не можевме да го дозволиме. Во однос на оние композиции и праизведби тука со должна почит би ги набројал кантата „Огледало“ од македонскиот композитор Стојан Стојков на текст на Кирил Пејчиновиќ за детски, женски и мешан хор, оркестар, солист, рецитатор… хорските композиции „Тодорка, млада робинка“, „Сетолка“ од Тодор Скаловски и многу други.
Велите дека хористите, сите се разбираат помеѓу себе на еден универзален јазик – јазикот на музиката. Што значи тоа?
– Ова означува дека јазикот на музиката ги зближува сите, без постоење на бариери: јазични, национални, верски. Ние како „Менада“ имаме остварувано композиции на повеќе од 20 јазици. Ниту една хорска музика не зборува за нешто што не е човечко. Сите текстови се пригодни, го оплеменуваат човекот. Убаво е чувството кога сите може да се разбереме на еден, хорски, универзален јазик. Во свет и време на најразлични поделби, дури и за момент – одлично е кога ќе се почувствуваме сплотени и разбрани. Затоа и тука е важно да го напомниме тој меѓународен карактер на ТЕХО, кој има речиси непрегледна ширина. Како резултат на ова, беше формиран и Балканскиот хорски форум, во кој покрај нас како држава, членуваат и Албанија, Бугарија, Србија, Грција, Романија и Турција. ТЕХО е член и на Европската хорска асоцијација со седиште во Брисел.
Дали ТЕХО беше основата за дел од девојчињата во хорот „Менада“, па и другите хорови, во животот се определат за ваква преокупација и професија понатаму во животот?
-ТЕХО и тогаш а и денес е збир на многу вредности, идеи и намери. Во одредена мера и беше намерата, меѓу другото младите да се насочат кон хорската музика, да се јакне натпреварувачкиот дух помеѓу хорови и да се понуда една квалитетна хорска изведба. Неспорно, ТЕХО имаше и намера да даде еден нов културен белег на градот и на државата, а по толку години, овој белег премина во државен, па дури и меѓународен. Намерата беше да се движиме по еден здрав пат, траса во која има многу вредности, не само од уметничка смисла, туку од животна и човечка. ТЕХО во голема мера демонстрираше што значи тоа солидарност, колегијалност, квалитет…
Која е Вашата препорака како да продолжи оваа хорска приказна понатака?
-Оваа хорска приказна може да продолжи исклучиво доколку помеѓу нас постои стојалиште дека ТЕХО е потребно на градот, на хорското музиционирање и на државата. Ценејќи дека овој став има прилично сериозна бројка на сомислители, мислам дека нема потреба да се грижиме за понатамошниот пат. А оваа хорска приказна ќе продолжи да се развива природно, онака како што и започна, со искрени намери и верување дека ТЕХО е потребно.
Александар Самарџиев