ЗЕМЈАТА СТАНУВА ОГНЕНА ПЛАНЕТА


risto_ciconkov_001
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Деновиве сме сведоци на големи шумски пожари во Шпанија и Франција, а огновите имаат зафатено илјадници хектари. Во Франција пожарите стигнале на околу 15 км од градот Бордо и заради опасноста врз луѓето евакуирани се околу 220.000 жители. Интензивните пожари создале феномен на пламени облаци кои во чадот носат и зажарени честички, а носени од силен ветер ги шират пожарите уште повеќе. Во Шпанија има големи пожари во области близу Мадрид и Валенсија, а евакуирани се околу 100.000 жители. Пожари има и во многу други земји (Грција, Италија, …) и можеме да кажеме дека Земјата станува огнена планета.

Во моментот кога го пишувам овој текст има нов топлински бран во југозападна Европа кој се движи и во источниот дел, вклучувајќи ја и Република Македонија (РМ). Во РМ има шумски пожари, но за среќа оваа година не се големи и надлежните служби релативно добро се справуваат со нив сега за сега. А се сеќавате како беше во минатата година кога на сите телевизиски канали секој ден главен лик беше Стојанче Ангелов.


Скоро во сите извештаи за шумските пожари се спомнува дека главна причина се климатските промени кои создаваат екстремни временски појави: високи температури, топлински бранови, суши, силни ветришта, а тоа се погодни услови за создавање пожари. Климатските промени се причина и за други штетни последици: поплави, урагани, штети во земјоделството, но и предизвикување на илјадници човечки жртви.

Во текот на 2026 година над половина од територијата на Англија е зафатена со голема суша што е многу невообичаено за таа земја. Големи суши има и во многу делови од Европа, а тие предизвикуваат загуби во земјоделството и пошироко во економијата. Многу реки имаат низок водостој со што се намалува производството на електрична енергија во хидроцентралите, но и во термоцентралите каде што се користи вода за ладење. Реката Дунав има рекордно низок водостој, а тоа го попречува речниот транспорт.

Може да се заклучи дека суштината на проблемот е како да се намалат и спречат климатските промени. Се работи за многу сложен проблем кој официјално почна да се третира од 1988 година со формирањето на Меѓународниот панел за климатски промени (IPCC). Во 1992 година е донесена Рамковна конвенција за климатски промени во рамките на Обединетите Нации (UNFCCC) според која секоја година се организира Конференција на страните (СОР) со цел борба против климатските промени.

Во 2015 година со меѓународен консензус беше донесен Париски договор, обврзувачки документ со кој се бара секоја земја да постави своја национална цел за ограничување на емисиите на стакленички гасови. Но САД се повлекоа од него во првиот мандат на претседателот Доналд Трамп (2017 г.) и во вториот мандат (2025 г.) и плус тој донесе мерки со кои се стимулира производството на фосилни горива. Според него климатските промени се “голема измама“, а тоа е спротивно на мислењето на научниците, вклучувајќи ги и тие од неговата земја.

Но односот на САД кон климатските промени им овозможува на многу земји да имаат образложение за продолжување и зголемување на нивното производство на фосилни горива. Изненадува Канада со изјавите на нејзиниот премиер дека неговата земја ќе стане „енергетска суперсила“ преку растот на производството и извозот на фосилни горива во наредните години. Така, борбата против климатската криза сега се чини дека целосно исчезна во Канада.

Меѓународниот суд на правдата со седиште во Хаг (тело на ОН) во јули 2025 г. донесе пресуда според која државите имаат обврска да ја заштитат животната средина од емисиите на стакленички гасови. Генералното собрание на ОН во мај 2026 г. со огромно мнозинство изгласа резолуција со која се потврдува одлуката на Меѓународниот суд на правдата. Текстот на резолуцијата на ОН вклучува усвојување на национален план за климатска акција за ограничување на глобалната температура под 1,5 оС до 2100 г.; постепено укинување на употреба на фосилни горива.

За жал меѓународното право не го почитуваат и големи моќни земји кои проповедаат демократија и право како што ним им одговара. Кај нив владее интересот за профит од моќните мултинационални компании во енергетскиот сектор, како и во воено-индустрискиот сектор. Затоа, сведоци сме на чести енергетски и воени кризи во светот.

Научните опсерватории во светот покажуваат дека има континуирано зголемување на концентрациите на стакленички гасови. Во 2025 година во атмосферата се емитирале 38,5 Gt (Гига-тони) СО2, најмногу до денес. Тоа значи дека глобалното затоплување уште повеќе ќе расте, ќе се појават уште поекстремни температури, топлински бранови и пожари, а симболично кажано Земјата станува огнена планета.

Д-р Ристо Цицонков*, редовен професор

Машински факултет – Скопје

*Авторот е уредник на Првиот национален извештај за климатски промени на РМ кон ОН (2002 г.)

30.07.2026

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK