Завршен концерт на Меѓународниот семинар по барокна музика и концерт на триото „Аура“ на „Охридско лето“

percan_234242342
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– На програмата на „Охридско лето“ денеска се две содржини од музичкиот дел,  и тоа Завршниот концерт на Меѓународниот семинар по барокна музика како и концертот на триото „Аура“.

Меѓународниот семинар за виолина, виола и камерна музика под уметничко раководство на виолинистот Емилио Перцан постои од 2009 година. Првите три години се одржуваше  во Истра, Р. Хрватска, за од 2014 година со поддршка на Министерството за култура на Р. Северна Македонија да продолжи да се одржува во Охрид. Семинарот го посетуваат млади виолинисти од Русија, Германија, Австрија, Хрватска, Грција, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина и С. Македонија, а досега на семинарите учествувале повеќе од 150 ученици и студенти од овие и други земји. На семинарите, исто така редовно учествуваат педагози и изведувачи, професионални музичари кои доаѓаат на усовршување. Како дел од семинарот традиционално се организираат и завршни концерти на најуспешните учесници, па така и оваа година тие ќе се претстават со концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“.


Македонскиот виолинист Емилио Перцан има активна педагошка и изведувачка кариера и соработува со уметници како Викторија Мулова, Даниел Хоуп, Кент Нагано, Чен Реис, Рафаела Миланези, Михаел Рол, Јулија Лежнева, Ксавиер де Местре и други. Преку различни ангажмани Перцан настапува во најпознатите сали и на најпознатите фестивали низ светот меѓу кои Берлинската филхармонија, фестивалот во Баден-Баден, Оперската сала во Токио, концертната сала во Сао Паоло… Снима за дискографските куќи „Deutsche Gramophone“, „Sony“, „Decca“, „Harmonia Mundi“, „Pan Classics“, „Onyx Classics“. Од март 2015 година предава виолина на Универзитетот за уметност во Грац – Австрија, а од октомври 2020 година и на универзитетот „Калаидос“ во Цирих. Држи семинари по виолина, виола, камерна музика и предавања по историска изведба, методика во Германија( Schloss Akademie Hamburg), Русија ( „Чајковски“ конзерваториум, Гнесинска академија, Иполитовски институт), Австрија(Gifted in music), Италија, Киргистан, Украина итн. Неговите студенти се добитници на повеќе од 150 меѓународни награди.

Пијанистката Тамила Гулијева дипломира и магистрира со почести на музичката академија во Баку (Азербејџан), а продолжува да се усовршува на Универзитетот „Фолкванг“ во Есен, каде од 2007 година е ангажирана и како предавач.  Гулијева е добитничка на повеќе награди меѓу кои прва награда на Фестивалот за млади пијанисти и награда за Најдобар пијано-соработник во 1999 година. Како солист настапува со рецитали и со симфониски и камерни оркестри, а е официјален пијано соработник на мајсторските курсеви на Мстислав Ростропович, Табеа Цимерман, Квартетот „Форе“ и други.

Втората музичка содржина вечерва е концертот на македонското трио „Аура”, составено од уметниците Ана Гацева на пијано, Страшо Темков на флејта и Марјан Милошевски – фагот.

Темков, Гацева и Милошевски се редовни професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Триото „Аура“ има долгогодишна и богата концертна активност во и надвор од нашата земја. Досега имаат реализирано многубројни рецитали како солисти и камерни музичари во Америка, Франција, Германија, Швајцарија, Белорусија, Австрија, Англија, Бугарија, Азија, Африка, Србија, Словенија за кои добиваат позитивни оценки. Критиката ги нарекува „мајстори на својот инструмент“, а поради забележителните концерти на покана од  реномирани меѓународни фестивали како „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Златна лира“, БУНТ Белград, фестивалот во Ниш, Фестивалот „Барски љетопис“, Фестивалот „Еспресиво“ – Цетиње, Фестивалот „Нимус“, фестивалот „Ледамус“, Врање, Ваљево итн, несомнено се вбројуваат меѓу најдобрите и најактивните музички изведувачи во С. Македонија. На концертните подиуми изведуваат дела од сите музички епохи и стилови. Она што ги одбележува овие тројца уметници е што тие редовно промовираат премиерни дела од македонски композитори, напишани специјално за нивното трио. Според критиката нивното заедничко високо естетско, камерно музицирање го карактеризира: „изразено чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и изразот“.

Двата концерти ќе се одржат во каедралната црква „Света Софија“ и тоа Завршниот концерт на Меѓународниот семинар по барокна…од 17, а концертот на триото „Аура“ од 21 часот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK